КОЛАЧИ ПЕЧУРКИ…Како да излегле од слатка бајка…Со вкус на ВАНИЛИЦИ…Најубави празнични колачи…Вкусни, декоративни, а едноставни…
Редовно ги подготвувам за новогодишните и есенските празници, а често ги носам и како подарок…Дома сите ги сакаме од најмало до најстаро, особено зашто по вкусот потсетуваат на омилените ванилици. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ За ~ 16 печурки (~ 770 г):
Тесто:
1 јајце (мало)
100 г путер
90 г кисела павлака
110 г шеќер
~ 340 г брашно
0,5 лажиче прашок за печиво
1 прстофат сол и
ванила по вкус
За декорација:
150 г чоколадо
семе од афион
1 лажиче растително масло
ПОСТАПКА:
Сите состојки треба да бидат на собна температура. Путерот пенасто изматете го со шеќерот, солта и ванилата. Кога ќе стане кремаст додајте го јајцето и соединете со миксерот. Потоа додајте малку брашно помешано со прашок за печиво.
Откако сето ќе го соединете со миксер, остатокот од брашното додајте го постепено и на крај замесете меко и нелепливо тесто. За да направите еднакви печурки, користете вага, но можете да ги правите и одокативно.
Одвојте 16 топчиња со по 15 грама кои ќе бидат стеблото на печурката, и 16 топчиња од по 25 грама кои ќе бидат капата. Обликувајте ги и оставете ги во фрижидер 40 минути.
По изминатото време, на плех обложен со хартија наредете ги само стебленцата и печете ги 10-15 минути во претходно загреана рерна на 200 степени. Оставете ги целосно да се оладат. „Капите“ за тоа време треба да бидат во фрижидер.
Во ладен плех наредете ги капите, па и нив испечете ги на ист начин. Додека се сѐ уште топли, од задната страна внимателно направете вдлабнување за стебленцето.
Растопете го чоколадото, па во секое дупче сипете по малку и веднаш ставете оладено стебленце. Оставете да се залепи и стегне, најдобро во фрижидер, 15 минути.
Во остатокот од растопеното чоколадо (по потреба повторно загрејте го) додајте лажичка масло. Стебленцата потопувајте ги прво во растопеното чоколадо, а потоа во афионовото семе.
Оставете на решетка да се стегне чоколадото, а потоа во фрижидер, уште 15 минути. Потоа повторно растопете го чоколадото, па кратко потопувајте ги „капите“ и оставете ги настрана да се стегнат. Постапката погледнете ја ОВДЕ.