Пиварките се едни од омилените колачиња, особено за време на постот. Економични се, лесно и брзи, па многумина си ги приготвуваат во текот на целата година. Кога ќе се премачкаат со џем и ќе се наросат со кокос или ореви се совршен десерт за сите пригоди. Овој пат ви претставуваме еден многу вкусен колач со пиво и ореви, по рецептот на Рада.
Наместо да ги подготвувате една по една, направете ги пиварките одеднаш како колач во тепсија, а потоа сечете го на парчиња. Нема некоја посебна филозофија при подготовката, сѐ измешајте и излејте во калап. Колачот може да го збогатите со џем или чоколадна глазура за да биде посочен, а во продолжение може да прочитате како да го направите да изгледа и многу декоративно.
За време на посните денови, често на трпезата ни се наоѓа овој колач, кој на маж ми му е еден од омилените. Тој е многу по благото и секогаш ми бара нешто да му спремам. Додека се пече колачот мириса до соседната соба и маж ми точно знае што подготвувам, па со трчање доаѓа и ме прашува кога ќе биде готов за целиот да го изеде. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл пиво, 1,5 чаша шеќер, 2 чаши ореви, 4 чаши брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 1 чаша масло, 2 лажици какао во прав. И уште ќе ви биде потребно: 3-4 лажици домашен џем за премачкување, малку ореви за наросување. Како мерка се користи шолја од 200 мл, а димензиите на плехот се 20х30 см.
ПОСТАПКА: Доколку од некоја причина го избегнувате пивото, колачот подгответе го со газирана вода. Во еден подлабок сад сипете две чаши пиво, па со истата чаша измерете 1,5 чаша шеќер. Со жица/маталка енергично соединете ги состојките додека шеќерот да се растопи.
Додајте 2 чаши ореви, па сипете 1 чаша масло. Повторно сѐ изедначете во течна и еднолична смеса. На крајот, додајте го брашното, помешано со прашокот за печиво. Јас секогаш додавам чаша по чаша и кога првата ќе ја соединам, ја додавам втората, и така до крај. Секогаш брашното додавајте го постепено бидејќи според конзистентноста на останатите состојки, може да треба да ставите помалку или повеќе.
Потребно е да добиете мазна и еднолична смеса која треба да има средна густина, да не биде премногу ретка. Калапот обложете го со хартија за печење и излејте 2/3 од смесата во него. Јас отприлика одземам околу 5 полни лажици (тоа е околу 1/3). Израмнете ја смесата во калапот, а во преостанатата смеса во садот додајте го какаото и уште 1 лажица пиво и се измешајте.
Нежно излејте ја темната смеса врз светлата и со помош на чепкалка направете декоративни линии низ колачот. На овој начин се добива мраморен ефект на горниот слој од колачот, кој изгледа многу декоративно и интересно. Печете го колачот во претходно загреана рерна на 180 степени, 25-30 минути. По печењето, оставете го колачот да се олади.
Превртете го колачот на рамна површина и од мраморната страна премачкајте со тенок слој домашен џем (јас ставив од кајсии). Доколку сакате да го збогатите колачот, прелијте го со чоколадна глазура и наросете го со ореви или кокос. Деталите може да ги погледнете ОВДЕ.