КОЛАЧ СО ОРЕВИ – ПОЛУМЕСЕЧИНКИ, рецепт кој не одзема многу време, а им успева на сите. Рецепт на Рада од каналот „Радине Послатице“. Вкусен колач со ореви и чоколадо, толку лесно се подготвува што на сите им стана омилен.
Потребни состојки за бисквит: 140 г путер, 140 г шеќер, 140 г мелени ореви, 70 г брашно, 4 претходно изматени белки. За првиот крем: 4 жолчки, 150 г шеќер во прав и 1 кесичка ванилин шеќер.
За вториот крем: 100 мл млеко, 70 г шеќер, 70 г путер, 70 г чоколадо, 140 г мелени ореви + уште малку за наросување.
ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува бисквитот. Се замесува меко тесто од путер (претходно отстојан на собна температура, шеќер, мелени ореви, брашно и 4 претходно изматени белки.
Сета смеса добро се соединува да нема грутки, а потоа се префрла во тава со средна величина (мојата е 20 х 30 цм) на малку намастена хартија за печење. Се распоредува, па се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 10-15 минути во зависност од рерната.
Во меѓувреме се подготвува првиот крем: Се матат 4 жолчки, па се соединуваат со шеќерот во прав и една кесичка ванилин шеќер. Се мати со миксер додека да се добие пенаста структура.
Потоа колачот се вади од рерна, треба да е отприлика 80% испечен, па врз него се распоредува подготвениот крем и се враќа на печење на помала температура, на 100 степени, со постојано проверување, отприлика уште 10-тина минути.
За подготовка на вториот крем: Во тенџере на рингла, се додава млекото, шеќерот и чоколадото. Со повремено мешање се чека да се растопи чоколадото, па потоа се додава путерот. Кога путерот ќе се растопи се трга тенџерето од рингла.
Потоа се додаваат оревите и се вмешуваат во чоколадната смеса. Чоколадниот прелив се става врз печената кора и се остава неколку часа во фрижидер да се стврдне.
Одозгора се наросува со уште малку ореви, па се сече по желба на коцки, правоаголници, а доколку имате време може да вадите и полумесечинки како мене со кружен калап или поголемо капаче за шише. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ. Вкусни „желади“ со џем и мелени ореви. Потребни состојки: 200 г путер, 1 шолја шеќер во прав, 1 јајце, брашно по потреба (околу 300 г), џем од кајсии или по избор, малку мелени ореви.
За глазура: 2 лажици шеќер во прав, 1 лажица маргарин, 2 лажици млеко, 2 лажици какао.
ПОСТАПКА: Од путерот и брашното се прави тесто кое се трие низ рацете, па се додава шеќерот во прав и јајцето. Тестото треба да биде средно цврсто за да може со намастено лажиче да се прават форми на половинки од желади, а секое колаче, уште кога е во лажичето се израмнува со н ож.
Потоа колачите се редат на намастен плех (со рамната страна легнати на плехот) и на средна температура се печат околу 15-тина минути. Откако ќе се изладат, две по две се лепат со џем од кајсии, потоа поширокиот дел донекаде се ‘макнува’ во глазурата од какао па во мелени ореви.
Така се добива изглед на вистински желади. За глазура: Сите состојки за глазурата се ставаат во еден помал сад на пареа и со постепено мешање се готви додека да се добие течно чоколадо.