Ова е еден „брзински“ колач кој можете да го приготвувате секогаш кога сте во брзање или кога ќе ви се пријате нешто благо и сакате со нешто сочно да се засладите. Рецептот е едноставен, а првата тура од колачот секогаш се изедува за 10 минути, па веднаш приготвувам и нова тура.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 8 лажици шеќер, 3 полни лажици џем, 150 мл млеко, 8 лажици брашно, 3 лажици какао, 2 лажици масло, 1 кесичка прашок за печиво, 250 мл слатка павлака (хопла или павлака за шлаг) и 150 г чоколадо




ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Изматете ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи и да добиете светла и густа смеса. Не е потребно да ги одвојувате белките од жолчките, само добро изматете ги додека да згуснат.




Потоа во тенок млаз додека непрекинато матите додајте го млекото и маслото. На крај додајте го џемот, какаото, брашното и прашокот за печиво и повторно изматете додека убаво да се изедначат состојките. Сувите состојки најдобро би било да ги просеете, но не е задолжително.




Плех со димензии 30х20 см намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Добиената хомогена смеса без грутчиња, излејте ја во подготвениот плех и израмнете подеднакво. За ова време рерната би требало да е добро загреана.




Ставете го колачот да се пече и веднаш намалете ја температурата на 180 степени. Печете околу половина час или во зависност од рерната. На крај проверете со чепкалка дали е печен колачот (ако излезе сува, значи дека е печен).




Печениот колач извадете го од рерна, оставете го 2-3 минути да се подизлади, па со виљушка или чепкалка избоцкајте го, да има доста дупчиња за да може подобро да го впие во себе чоколадниот прелив.




ЗА ЧОКОЛАДЕН ПРЕЛИВ: Ставете ја слатката павлака во едно тенџере на оган и загревајте на умерена температура до моментот пред да зоврие. Веднаш тргнете ја павлаката од оган и во неа додајте го чоколадото претходно искршено на коцки.




Мешајте додека убаво да се растопи чоколадото и да добиете густа, сјајна чоколадна глазура. Прелијте го колачот. Малку вртете го плехот, подигнете го едниот крај, па другиот, и сè така, за да може преливот насекаде рамномерно да се распореди додека колачот е подигнат под агол.




Оставете го колачот убаво да се олади, неколку часови. За тоа време ќе го впие целиот чоколаден прелив. Исечете го и послужете го. Освен што е сочен, овој колач многу убаво мириса и многу е вкусен. / domaсireсерti.net