Лесен е за подготовка, пријатно мириса и многу е вкусен. Потребни состојки: 6 белки, 200 г шеќер, 100 мл масло, 150-200 г брашно, 1 ванилин шеќер, 100-150 г микс од суво овошје и ореви, 2 ребра чоколадо по желба, не мора
Постапка: Изматете белки во цврст снег со постепено додавање на шеќер. Mатете додека шеќерот целосно да се растопи. Кога ќе добиете цврст снег додадете масло и изрендајте малку лимонова кора, па внимателно промешајте го и брашното со постепено додавање. Не се става прашок за печиво.
Мешајте со лажица, полека, со превртување за да се сочува пенливоста на смесата. На крај додадете го миксот од ореви и суво овошје и убаво изедначете. По желба може да додадете и малку сечкано чоколадо.
Калапот за срнечки грб или леб намастете го со путер и наросете го со брашно. Распоредете ја во него приготвената смеса и израмнете. Печете во загреана рерна на 180 степени околу 30-40 минути. Проверете со стапче дали е готов.
Почекајте да излади, па потоа превртете го на чинија. За да се исече убаво, почекајте колачот целосно да излади. Одозгора наросете шеќер во прав или ставете чоколадна глазура.