КОЛАЧ НА СИТЕ ВРЕМИЊА: Вкусен колач со црвено овошје, се подготвува со мерки на чаша. Нема кој не го знае овој вкусен излиен колач кој го правеле нашите баби, мајки, а сега и вие. Кога ви треба нешто брзо и слатко, а сепак лесно, со овој колач нема утка.




Буквално само се мешаат состојките, а потоа се излева и се става на печење. Нема многу работа, а ни валкање на многу садови. Најчесто го правам со црвено замрзнато овошје (малини, јагоди, цреши, рибизли), но може да се додаде и некој компот, мармалад или боровинки, дудинки по желба.




За овој рецепт нема конкретни мерки, сите одат по мерка на 1 чаша (шолја) за чај. Е сега, блажината на овој колач останува на вас. Некои ставаат повеќе шеќер, а некои помалку, зависи колку благ сакате да го направите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 1 шолја масло, 3 шолји шеќер, 3 шолји млеко или газирана вода, 6 чаши брашно, 1 ќесичка прашок за печиво, 250 – 300 г црвено замрзнато овошје. Сите состојки одат по мерка на 1 чајна чаша.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад додајте ги јајцата, претходно отстоени на собна температура и шеќерот и изматете малку со миксер. Потоа додајте го маслото и повторно промешајте со рачна маталка колку повеќе можете до соединување.




По маслото, додајте го трите чаши млеко и повторно промешајте, а потоа започнете да го додавате постепено брашното, чаша по чаша за да не се формираат грутки. Ова е потешкиот дел бидејќи брашното потешко се соединува.




На крајот се додава 1 ќесичка прашок за печиво, се промешува, па колачот се излева во што поголема тепсија. Јас секогаш го правам во најголемата тепсија што ја имам бидејќи така тестото излегува помало, а е и многу повкусен.




Доколку колачот го правите во мала тепсија, ќе му биде потребно многу повеќе време за да се испече на средина, а горниот дел има повеќе шанси да ги изгори. Во плехот се става хартија за печење, па одозгора се излева колачот.




Врз колачот се реди црвеното овошје, доколку е замрзнато, треба претходно да го оставите малку да се одмрзне, па се реди низ целата површина на излеаната смеса, колку сакате. Отприлика ќе ви бидат потребни 250 – 300 г овошје.




Не е потребно да натрупувате многу овошје одозгора, бидејќи така киселиот вкус ќе доминира, а убавината и слаткоста на тестото нема да се почувствуваат. Доволно е да ставите колку да ја исполнува целата тепсија, но сепак да има и празен простор.




Како последно, количината на шеќер исто така ја одредувате вие. Во принцип, 3 чајни чаши се доволни за тестотот да биде доволно благо, но ако сакате да е помалку благ, ставете 2 чаши обичен шеќер, па 1 чаша шеќер во прав.

Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30 – 40 минути со постојано проверување додека фати коричка одозгора. Јас по 20 минути печење, ја зголемувам температурата на рерната на 200 степени и колачот го печам точно 40 минути.

По печењето важно е да ја извадите тепсијата од рерна и да го избоцкате колачот со чепкалка за заби за да проверите дали е испечен во внатрешноста. Доколку е испечен, покријте го со неколку памучни кујнски крпи и оставете да отстои 1 час додека да се излади.

Доколку го исечете додека е се уште врел, ќе почне да се распаѓа, а неодоливиот вкус се доловува кога е целосно изладен. Се сече на мали коцки и се послужува. Одлично се комбинира со кафе, млеко и е одличен десерт за заблажување кој се подготвува екстремно брзо.

Одозгора по желба може да наросите со шеќер во прав, но нема потреба. Колачот трае и до 5 дена, но е многу вкусен и веднаш се јаде. Има многу рецепти за подготовка на овој колач, а оригиналниот не знам точно кој е. Јас прилагодив своја верзија од колачот, па сакав да ја споделам со вас. Рецепт на Мартина.

NMD.mk
NMD.mk
NMD.mk
NMD.mk
NMD.mk
NMD.mk