Ова е еден од најбрзите и најдобрите рецепти за медено срце кои ги имам испробано. Меденото срце може да се каже дека е најсочниот колач, кој е многу сличен на чоколадниот. Мек е, вкусен и воздушен, кога ќе го направам целата куќа ми замирисува на него и дечињата со трчање доаѓаат во кујната и нестрпливо прашуваат кога ќе биде готов.




Многу е лесен за подготовка, а се прави од неколку состојки со мерки на чаша. Рецептот го најдов кај Ивана од „Шерпица Рецепти.“ Ивана посочува дека со една чаша ги мери сите состојки и не ѝ е потребна посебна дозерка. „Користам ваква чаша, за чај, од 300 мл и со неа ги мерам сите состојки“, вели Ивана. Од колачот излегуваат многу штанглички кои се јадат во еден залак. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша вода, половина чаша шеќер (може и помалку), 2 чаши брашно (јас користев меко, но можете да измешате тврдо и меко), 1 лажица какао, 3 лажички цимет, 10 лажици од кој било џем, 100 мл масло (малку помалку од половина чаша), 1,5 лажичка сода бикарбона.




ЗА ФИЛОТ: 10 лажици џем/мармалад (најдобро ако имате полесен), 2 шаки мелени ореви (опционално). ЗА ГЛАЗУРА: 50-100 г растопено чоколадо, 3 лажици масло (количина од 50 г чоколада е сосема доволна, но може и повеќе), 1 ред бело чоколадо и 1 лажица масло. Ако постите, користете посни чоколади. Плехот за печење е со димензии 30х25 см.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад излејте 1 чаша вода, додајте половина чаша шеќер или помалку, бидејќи и џемот е доста благ. Јас користам кафеав шеќер, но може да ставите и бел. Лесно промешајте со жица/маталка, додека шеќерот малку да се раствори во водата, па додајте 1 лажица какао, 3 лажички цимет.




Потоа додајте го маслото, па при крајот се додава брашното, постепено, додека постојано ја мешате смесата. Додајте ја и сода бикарбоната. Кога брашното добро ќе се соедини во смесата, да нема грутчиња и да се добие мазна и еднолична смеса, додајте 10 лажици од било кој џем и добро соединете.




Плехот обложете го со хартија за печење и излејте половина од смесата во него. Доколку сакате да ја поделите смесата прецизно како мене, префрлете ја во дозерка и излејте ја половината во плехот. Отприлика половина е околу 600-700 мл. Добро израмнете со лажица и ставете ја првата кора на печење во претходно загреана рерна на 200 степени.

ЗА ФИЛОТ: Додека колачот се пече, на рингла растопете 10 лажици мармалад/џем, додека да се добие течна конзистентност. Доколку ви се чини погуст џемот, може да додадете 1-2 лажици вода. Јас во џемот додавам околу 2 шаки мелени ореви, но секако ова е опционално. Добро измешајте ги оревите во џемот и филот е подготвен.




Кората се пече околу 15-тина минути, додека да фати коричка, за да може да го излеете филот преку неа. Преку врелиот колач се излева врелиот прелив, а преку џемот се става и втората половина од смесата за кора, но пред да ја премачкате додајте околу 5 лажици вода за малку да се разреди и полесно да се распореди.




Кога ќе ја излеете втората половина од смесата, распоредете ја со лажица, па малку протресете го плехот и вратете на печење на истата температура, а допечете докрај, тоа е отприлика уште 30 минути. По печењето, колачот се проверува со чепкалка и се остава добро да се олади, околу 15-тина минути.

Во меѓувреме подгответе ја глазурата од темно чоколадо и 3 лажици масло. Излејте ја глазурата преку колачот, распоредете ја, па оставете го колачот целосно да се олади и чоколадната глазура да се стегне.

Дополнително, доколку сакате да го декорирате колачот, растопете еден ред бело чоколадо со 1 лажица масло, ставете ја белата глазура во готварски шприц и декорирајте со тенки линии преку колачот. Колачот се послужува со сечење на штангли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.