Ако сакате добар и многу вкусен сатараш за зимница кој ќе биде ист како дента да сте го приготвиле, треба да внимавате на една работа во приготвувањето, а тоа е да користите широко тенџере во кое пиперките нема да ги „сварите“ во доматниот сок, туку нагло ќе ги пропржите во масло.
Секоја година приготвувам сатараш за зимница, не можам зимата да ја поминам без него, бидејќи понекогаш ми заменува цел оброк кога немам време за правење ручек. Само си вадам и имам готово јадење.
Овој рецепт е проверен и со него нема утка. Не се става конзерванс, но има долг рок на траење и досега не ми се расипала ниедна тегла. Кога ме прашуваат за рецептот, многумина се зачудени зошто ставам 1-2 раце шеќер.
Во овој случај шеќерот не служи како конзерванс, туку едноставно го подобрува вкусот и не се чувствува киселоста на доматите. Но, доколку не сакате, не мора да ставите шеќер во вашиот сатараш. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг кромид, 3 кг пиперки, 3 кг меснати домати, 2-3 поголеми моркови, масло, шеќер, сол. ПОСТАПКА: Ова се моите мерки, а зеленчукот е измерен пред да го исчистам од дршки и семе.
Вие не мора да се придржувате според моите мерки, користете зеленчук во количина колку што вие сакате или ви е потребно, а за да ви биде успешен рецептот, важна е само постапката и правилното пакување. Од овие мерки мене ми излегуваат 8-9 тегли од 720 г.
Значи, прво зеленчукот измијте го убаво со ладна вода и исчистете го. Кромидот исечете го на ленти-полумесечинки, а пиперките на поголеми парчиња. Доматот малку засечете го на задната страна како крстче, па прелијте го со врела вода, па после неколку секунди префрлете го ледено студена вода.
На овој начин полесно ќе го излупите. Излупените домати исечете ги на парчиња. Морковите исчистете ги и со помош на ренде-секач или „сечко“ исечете ги на тенки тркалца, а ако не ги сакате, може и воопшто да не ставате морков. Морковот се додава по вкус.
Во широко и длабоко тенџере во кое обично ја приготвувате зимницата, ставете масло да се загрее. Најдобро е ова да се прави надвор на оган, но може и на шпорет во стан. Важно е да користите што пошироко тенџере, затоа што важно е зеленчукот да се запржи а не да се свари во сопствениот сок.
Ставете да се пржи кромидот и посолете го, па кога ќе омекне додајте го морковот, кратко пропржете го, па додајте ги пиперките и повторно малку посолете. Кога ќе ги купувате пиперките одберајте од сите бои, да има и жолти и црвени и зелени. Јас имав и портокалови, па сатарашот излегува и подекоративен.
Кога пиперката малку ќе омекне, додајте ги доматите и малку посолете, а потоа полека гответе до густина која ја сакате. Во текот на готвењето, на доматот додајте му една или две раце шеќер, а на крај и сечкан свеж магдонос доколку сакате.
Врелиот сатараш складирајте го во загреани, чисти тегли, на врвот нека има само течност, не смее да ѕирка парче пиперка. Врзете ги теглите или ставете им капак и завиткајте ги во ќебе додека целосно да изладат. Можете да го складирате и во пластични садови и да ги замрзнете.