Свечената празнична салата преполна со разновидни намирници ќе ве воодушеви уште со првиот залак. Сите знаеме дека свежите пролетни зеленчукови салати се најздрави, но некогаш сакаме и салата-оброк, со пополн богат вкус, која може да се послужи како предјадење на свечена трпеза или пак, да замени оброк.
Таква е салатата од првиот рецепт, но не пропуштајте ги и другите наши предлози. Според состојките кои ги имате дома, одлучете се за еден од овие рецепти и пригответе многу вкусна салата. Првата салата се приготвува од варени јајца и туна, се реди во слоеви, многу е декоративна и вкусна. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 1 конзерва туна во сопствен сок, 100 г кашкавал/тврдо сирење, 6 кисели краставички, 1 китка свеж влашец (или зелени перца од млад кромид), 1 китка ротквици, 1 конзерва грашок, 1 конзерва пченка, 4 супени лажици кисела павлака или цврст јогурт, 4 супени лажици мајонез, сол и црн пипер по вкус
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7-8 сурими стапчиња (крабни) или 1 конзерва туна во парче или некои морски плодови по ваш избор, 1 портокал, 4 варени јајца, 1 чешне лук, 3-4 супени лажици пченка од конзерва, 2 супени лажици мајонез
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 компири, 1 главица кромид, 6 јајца, 3 стапчиња целер, 1 чаша мајонез (200-250 мл), 1-3 лажици сенф по вкус, 3-4 кисели краставички, 1 мала лажичка толчен црвен пипер (буковка)
РЕЦЕПТ 4 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 краставица, 3 варени јајца, 250 г ротквици, млад кромид, 2 супени лажици мајонез или кисела павлака (или мешавина)
РЕЦЕПТ 5 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 варени компири, 2 варени моркови, 1 конзерва туна, 2-3 страка праз, 120 г кисели краставички, 3 варени јајца, мајонез по потреба
ПОСТАПКА за рецепт 1: јајцата сварете ги, исечкјате ги, па сипете ги во подлабок сад за салати (по можност транспарентен). Преку јајцата распоредете ја туната процедена од маслото и нежно притиснете со лажица за да се израмни. Одозгора наросете ситно сечкан влашец. Измешајте ги мајонезот и киселата, посолете и запиперете по вкус.
Половина од оваа количина прелијте ја преку влашецот. Убаво премачкјате, па потоа сипете го процедениот грашок, а преку него процедената пченка. Потоа наредете рендани ротквички и сечкани кисели краставички. Одозгора распоредете ја втората половина од смесата, израмнете и декорирајте со ситно рендан кашкавал и сечкан млад кромид. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Јајцата сварете ги, а за тоа време на тиган на малку масло пропржете ги сурими стапчињата (5-7 минути). Портокалот излупете го и исечете го на парчиња со големина на залак, потоа јајцата и сурими стапчињата. Додајте мелено лукче и пченка, па посолете и запиперете. Сипете мајонез, промешајте и послужете оладено. Следи постапката за третиот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 3: Компирот исечете го на коцки па сварете го (може и обратно). Јајцата исто така, сварете ги, излупете ги и исечкајте ги на коцкички. Помешајте во длабока чинија, додајте сечкан целер (ако немате стапчиња, може лист), па промешајте.
Во друг сад измешајте мајонез, сенф, зачинска пипер и сотно сечкани кисели краставички. Сипете преку компирите и јајцата и повторно промешајте за да се изедначат состојките. Посолете и запиперете, па декорирајте со сечкан млад кромид. Следи постапката за четвртиот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 4: Јајцата сварете ги, па исечкајте ги. Сипете ги во подлабок сад и додајте ситно сечкана краставица, ротквици, млад кромид и зачини по ваш вкус. Потоа додајте мајонез или кисела павлака, две-три лажици или онолку колку што сакате да ви биде кремасто. промешајте и послужете. Следи постапката за шарена евтина салата:
ПОСТАПКА за рецепт 5: компирот, морковот и јајцата сварете ги. Празот и краставичките исечкајте ги, а туната процедете ја. Редете: прв слој – рендан компир на крупно ренде. Втор слој – туна изронета со виљушка. Трет слој – ситно сечкан праз. Четврти слој – ситно сечкани кисели краставички. Премачкајте со мајонез.
Следниот слој е рендан варен морков, па повторно мајонез. Следат рендани белки на ситно ренде, мајонез, рендани жолчки на ситно ренде. Вкупно седум слоја. Покријте со проѕирна-стреч фолија и оставете во фрижидер 30-60 минути. Следните рецепти за салата со варени јајца и пилешко, и салата со варени јајца и тестенини можете да ги прочитате ОВДЕ.