Пишиите се омилениот македонски појадок кој редовно го подготвуваа нашите мајки, баби, тетки.. Се јадат во слатка или солена варијанта, а одлични се и поради тоа што се подготвуваат за кратко време и се прават само од брашно и вода – посната варијанта.




Тестото не се чека да отстојува и да нарасне и затоа се омилените на многумина. Следниот рецепт за пишии е испробан од многу луѓе и прогласен е за најдобриот. Една читателка за овие пишии напиша дека овој едноставен рецепт навистина помага за сите нас, особено со тоа што економијата е таква каква што е низ светот. Еве што ви е потребно за да ги направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл топла вода, 1 мала лажичка сол, 2 мали лажички шеќер, 300 г брашно (+ уште малку за замесување), масло за пржење. Од оваа количина излегуваат 8 пишии, па бидејќи јас и сопругот сме сами, доволно ни е. За повеќе луѓе, удвојте ја количината на состојките.




ПОСТАПКА: Во тенџере зовријте ја водата и оставете сосем малку да се олади, да не биде многу врела. По 5 минути, во садот со водата додајте 1 лажичка сол и 2 мали лажички шеќер. Фино измешајте ги состојките, додека шеќерот и солта да се растворат во водата.




Потоа постепено започнете да го додавате брашното. Приближно за оваа количина ќе ви биде потребно околу 300 г брашно. Како што го додавате брашното, мешајте ја смесата со лажица, а негде при крајот, кога брашното ќе почне да се соединува со водата и да се формира тесто, замесете со раце.




Замесете мазно и меко тесто, кое не треба да биде лепливо под прсти (по потреба наросете со уште малку брашно). Соединете ги сите состојки додека тестото повеќе нема да се лепи во садот или на рацете.




Убаво формираното тесто не е потребно да отстојува, а се меси вкупно 5-7 минути. Тестото префрлете го веднаш на набрашнета рамна површина, па со набрашнета оклагија, развлечете го и свиткајте го во подебел валјак и потоа поделете го на 8 еднакви делови.




Секој дел е потребно да го формирате во топче, така што ќе добиете 8 еднакви топчиња, кои треба да ги ставите под фолија, да одморат околу 5 минути. По изминатото време, започнете да работите едно по едно од топчињата, додека останатите стојат под фолијата.




Секое топче развлечете го малку со рацете, па потоа со оклагија, во перфектен круг. Вака подготвените кругови треба да бидат приближно со големина на мала чинија. Загрејте го маслото (со длабочина од 2 см) во едно повисоко тавче и пржете една по една од пишиите по 2 минути од двете страни, додека секоја убаво да зарумени.

При пржењето, пишиите ќе станат пуфнасти, ќе нараснат како меурчиња и ќе бидат многу крцкави однадвор. Вака подготвените пишии редете ги на чинија со хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија, а потоа послужете ги, додека се топли.

Во комбинација со тестото совршено оди јогурт, сирење, ајвар, сувомеснато, павлака или слатка варијанта со мармалад, а доколку постите може да комбинирате со зеленчук. Но, пишиите сами по себе се превкусни така што не е неопходно да ги комбинирате со нешто. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.