Фото и рецепт: Ристиќ Наташа: Пелте, желе или шулц од дуњи.

Кога ги чистите дуњите за компот или слатко, никогаш не ги фрлајте лушите и онаа средината со семките. Додадете уште 2-3 дуњи исечени на парчиња и ќе добиете прекрасен шулц или желе.

Ова желе се приготвува и само од дуњи и јаболка, па така на 2-3 кг дуњи се додаваат 1 кг кисели јаболка, а откако ќе се сварат добиената течност се меша со шеќер (на 1 литар течност се става 750 г шеќер и ½ лажичка лимонтус кој се става пред самиот крај).

Потребни состојки:

3 дуњи + остатоци
шеќер по потреба
лимонтус по потреба

Постапка:

На остатоците што сте ги собрале додадете уште 2-3 дуњи исечкани на парчиња, прелијте ги со вода да биде 1 см над овошјето. Ставете на умерен оган и варете додека дуњите да омекнат, ама да не се распаднат.

Смесата процедете ја на густо сито или цедалка. Потоа измерете ја течноста. На 1 литар течност се додава 700-800 г шеќер, па вратете на оган (прво на посилно, а потоа на потивко) и варете до густина на мед.

Кога ќе ставите малку на тацна да се олади, треба да се желира. Или уште подобро и побрзо: во чаша со ладна вода ставете капка од смесата. Треба да остане цела капка, односно да не се разлева. Тоа е знак дека желето е готово.

Пред крајот на варењето додадете на врв нож лимонтус на еден литар течност (според почетното мерење). Веднаш потоа желето треба да добие боја на рубин, жарко црвена боја.

Тргнете ја пената ако ја има и складирајте во мали теглички и уживајте во фантастичниот вкус на желе од дуњи. Истото можете да го направите и од јаболка, бидејќи и едните и другите плодови содржат доста пектин од кој се желира смесата.

Фото и рецепт: Ристиќ Наташа