Корите се премачкуваат со смеса во која иде квасец, јајца, млеко, масло и брашно и со фил од сирење и јајца. Се прави со готови кори а изгледа како да е сукана. Многу ни се допадна, се надевам и вам и ќе ви се допадне…

Потребни состојки:

500 г кори за пита
300 г сирење
2 јајца
Масло, сол

За премачкување:

1 квасец
3 јајца
4 шолји за кафе (100 мл) млеко
2 шолји масло
22 лажици брашно
Малку сол

Постапка:

Во квасецот ставете малку млака вода, шеќер и сол, па кога ќе се активира измешајте го со јајцата, брашното, млекото и маслото. Сето убаво се меша со лажица а може и со миксер. Тестото треба да добие густина како за палачинки.

Фил од сирење: Се дроби сирењето и се меша со јајцата. Се посолува по вкус.

Ставете една кора и со четка премачкајте ја со преливот. Поклопете со друга кора, па и неа премачкајте ја. Ставете трета кора, па и неа премачкајте ја. Врз третата кора наредете сирење. Свиткајте ги краевите за не истекува филот, па свиткајте во ролат и ставете во намастен плех. Одозгора премачкајте ја питата со преливот и по желба може да наросите сусам.

Печете на 220 степени околу 35-40 минути, додека да зарумени.

Можете и да виткате и по две кори, ако сакате да бидат потенки и да ги виткате.