Кисели пиперки во лук – салата која се подготвува преку целата година, нема кој не ги сака, премногу се вкусни. Салатата се прави со свежи пиперки во лето, а пак во зима пиперките се вадат од тегла или замрзнувач.
Со оваа салата не е важно за каква пиперка станува збор, без разлика дали е бабура или ајварка, зелена дуга, сиврија, чили… Потребни состојки: 4 пиперки по избор, 2 чешниња лук, оцет (јас користам јаболков оцет) по вкус, прстофат сол, 2 лажици масло, магдонос по желба.
Подготовка: Печете ги пиперките на рингла и ставете ги во сад, па поклопете го садот за да омекнат од сопствената пареа, а потоа полесно да се лупат. Во меѓувреме, исчистете го лукот и исечете го на коцки. Ставете малку јаболков оцет во лукот, малку масло, сол и промешајте.
Ставете ги пиперките во овој сок да отстојат додека целосно да се оладат. Пред послужување се наросува со ситно сечкан свеж магдонос по желба. Многу вкусен прилог, одговара со секое јадење..
II РЕЦЕПТ. Пиперки полнети со сирење, па печени со компир. Како што може да забележите се работи за два прилози или цел оброк, во зависност од тоа кому како му се допаѓа. Пиперките се полнат со мешавина од сирење, јајца и кисела павлака, а на дното од садот за печење ставаме компири, што е многу сочно и вкусно.
Потребни состојки за 5 пиперки: 250 г фета сирење, 1 цело јајце, 2 полни лажици кисела павлака, малку црн пипер и магдонос, малку масло за премачкување на садот, 500-600 г компири на оваа количина пиперки, 500 мл супа или вода со коцка за супа.
Сол не додавав бидејќи сирењето беше доста солено, но ќе си одредите по вкус дали има потреба да се додаде. Подготовка: Исечете ги врвовите директно од пиперките и извадете ги семките. Во сад, иситнете го сирењето, додајте јајце и павлака и изматете. Додајте малку црн пипер и магдонос, а сол по потреба.
Смесата излегува ретка, но при печење сè ќе се соедини едно со друго. Наполнете ја пиперката со филот и вратете им го отсечениот врв – втурнете го секој врв во соодветната пиперка.
Исчистете го компирот и исечете го на големи парчиња. Подмачкајте го садот за печење, јас корисев керамички. Ставете ги компирите на дното рамномерно распоредени, потоа ставете ги пиперките, така што горниот дел од пиперката ќе го допре дното на садот, а пиперката ќе се потпре на компирот и ќе биде накосена.
Истурете 500 мл супа врз пиперките или вода со растворена коцка за супа и суви зачини. Печете на 200 степени додека едната страна на пиперката да зарумени, па потоа пиперките свртете ги на другата страна. За тоа време, компирите во супата прво ќе се сварат, омекнат, а потоа малку ќе се потпечат. Послужете топло.