Кинеските власти се пофалија дека направиле огромен чекор напред кон пронаоѓање на лек кој ќе помогне побрзо решавање на светската криза со коронавирусот.
Жанг Чингминг, првиот човек на Центарот за Биотехнологија на Министерството за Наука и Технологија на Кина, објави дека се извршени успешни тестирања на лекот Фавипивир, кои покажале задоволителни резултати врз заболени лица од Ковид-19 вирусот, пренесува Гардијан.
Најдоброто во оваа вест е што станува збор за веќе постоечки лек, бидејќи Фавипивир е одобрен за продажба на јапонскиот пазар уште во 2014 година и засега нема проблематични споредни ефекти.
Според информациите од кинеските власти, кај пациентите лекувани со овој лек е забележано значително подобрување на состојбата, многу побрзо во однос на оние кои се лекувале со поинакви третмани.
Кај пациентите третирани со Фавипивир се добиени негативни тестови за коронавирус само четири дена од почетокот на третманите, додека кај останатите групи биле потребни најмалку по десет дена за рехабилитација од болеста.
„Со оглед на безбедноста, ефикасноста и достапноста на лекот, сметаме дека Фавипивир треба што поскоро да биде вклучен во лекувањето на што повеќе пациенти инфицирани од коронавирус“, се вели во соопштението на Центарот за Биотехнологија на Министерството за Наука и Технологија на Кина.
Фавипивир е лек што беше првично произведен од јапонската корпорација Фуџифилм Холдингс, првично за лекување на грип, а акцент е ставен на подобрување на респираторните функции на луѓето.