КИФЛА ПОГАЧА…многу декоративна особено е популарна за Велигден…Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:
250 мл млеко
1 лажичка шеќер
45 г квасец
1 јајце
50 г путер/маргарин
1 ½ лажичка сол
450 г брашно
3 лажици путер/маргарин за мачкање
сусам и ленено семе за поросување

Постапка:

Во топло млеко растопете го квасецот со лажичка шеќер и брашно. Оставете 10-тина минути да се активира. Потоа додајте жолчка, путер на собна температура, сол и брашно, па замесете тесто. Оставете да ферментира 30 минути.

Стасаното тесто поделете го на три еднакви делови. Првиот дел од тестото развлечете го и премачкајте го со путер или маргарин. Ставете го вториот дел развлечено тесто, па и него премачкајте го. Ставете го и последниот, трет дел.

Тестото отворете го во малку поголем круг. Повторно премачкајте го и исечете го на 6 триаголници. Секој триаголник свиткајте го во кифла, а потоа исечете на средина, така, да добиете два дела.

Редете ги во намастен, калап за куглоф, 26 см, со потесниот дел кон средината. Оставете 30 минути да го зголеми волуменот па премачкајте со изматена белка и посипете сусам и ленено семе.

Печете ја погачата 25 минути во претходно загреана рерна на 200 °C.