Ова е најлесниот и најекономичниот начин за приготвување на сирење во домашни услови. Од еден литар млеко се добива нешто повеќе од 1 килограм вкусно „сирење-кашкавал“ кое лесно се сече и одлично е за послужување како закуска, за додавање во салати и разни јадења.




Кога ќе го прочитате рецептот веројатно ќе се изнeнадите од сознанието дека голем број од купечките „сирења“ и „кашкавали“ се приготвуваат на сличен начин. Оригиналното сирење кое го знаеме како такво, се приготвува на сосем поинаков начин. За да се добие квалитетно сирење од 1,2 кг понекогаш се потребни од 5 до 10 литри млеко.




Така што, не очекувајте од овој рецепт дека ќе добиете оригинално зреано бело сирење, туку еден квалитетен млечен производ налик на купечките разни „гауди“. Подготвено во домашни услови без никакви други додатоци и со огромна разлика во цената, вреди да си го запишете рецептот и да го испробате. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко (кое било со млечна масленост над 2,8 %), 1 чајна лажичка сол, 1 супена лажица путер, 1 чаша (од 200 мл) пченкарен скроб (густин или нишесте), 140 г кое било сирење трапист и 1 триаголник топено сирење (зденка). Може по вкус да се збогати со различни зачини, билки и сл.




ПОСТАПКА: Најпрво истурете еден литар млеко во тенџере и ставете да се загрева на умерена температура. Сочувајте ја кутијата (тетрапакот) од млекото за подоцна. Внимателно отсечете го само едниот крај за да послужи како калап за сирењето.




Трапистот изрендајте го на крупната страна од рендето (во овој рецепт се става исклучиво трапист, до 200 г на 1 литар млеко). Во млекото додајте една лажичка сол и промешајте за да се раствори.




Потоа додајте една супена лажица млечен путер и повторно промешајте додека да се растопи. Кога путерот ќе се истопи, а млекото ќе се загрее пред зовривање, додајте една чаша пченкарен скроб/нишесте/густин (може и претходно да одвоите малку од млекото и да го растворите густинот, па да го додадете во врелото млеко и да го сварите исто како пудинг).




Добро изматете со жица маталка додека да се разбијат сите грутчиња и продолжете го варењето со непрекинато матење. Додајте го ренданиот трапист и триаголникот топено сирење (зденка) и продолжете со мешањето. Кога ќе згусне убаво испасирајте ја рачен блендер за да добиете фина и мазна смеса.




На овој начин ќе добиете вид на топено сирење, по конзистенција слично на пудингот. По желба може да додадете и малку куркума во прав за да добиете жолта боја, како на трапистот. Може да додадете разни зачински билки, сечкано луто пиперче, перца од млад лук и кромид и слично. Вкусот прилагодете го според желбите.




Добиената смеса претурете ја во калапот (тетрапакот од млекото). Малку протресете и оставете да се олади на собна температура, а потоа во фрижидер најмалку 4 часа за да се стегне или најдобро преку ноќ. Потоа извадете го на тацна, сечете го и послужете го. Остатокот чувајте го во завиткана стреч фолија, во фрижидер. Деталите погледнете ги ОВДЕ.