Божиќниот кактус потекнува од Бразил, каде во тропските шуми расте како паразит на крошните од дрвата. Кај нас се одгледува како саксиско цвеќе кое цвета од декември до февруари.
Бидејќи цвета во периодот околу божиќните празници, во бројни европски држави се нарекува божиќен кактус. Во продажба всушност може да се најдат билки кои се добиле со резење на божиќниот кактус (Zygocactus truncatus) и Schlumbergera russeliana, а може да се добијат во бои од бела, розе, црвена, пурпурно црвена или лила. Со малку среќа може да се набави и новиот вид со жолти цветови „ Gold charni“.
За да цвета мора да се внимава на периодот на мирување и неговиот раст.
Погодно место за одгледување: светло до полусенка со малку сонце.
Фазата на мирување започнува од февруари, односно откако ќе прецвета. Во овој период залевањето е сведено на минимум, само колку да не се исуши. Кога ќе затопли времето кактусот се изнесува надвор.
Летно време се полева умерено, до јули секои две седмици треба да се наѓубрува. Од август поретко се ѓубри и полева, па така билката зацврстува. Некои советуваат во овој период, односно од август до средината на октомври воопшто да не се полева, па дури и ако има свенат изглед.
При крајот на септември билката се внесува дома и се чува на топло 18-22 степени. Со намалување на дневната светлина доаѓа до појава на пупки.
Се размножува преку гранче (резница) кое се става во влажен субстрат. За неколку седмици ќе пушти коренчиња.
Билката не поднесува промена не место во период кога ќе започнат да се формираат пупките и во време на цветање. Ако случајно му го промените местото може да дојде до опаѓање на пупките и цветовите.
Поради слабиот корен не треба често да се пресадува.