Има неколку верзии на овој колач, но ние најмногу го сакаме оној, првиот од подолу наведените, бидејќи е најблиску до оригиналниот вкус.
Кога сум во брзање го правам вториот, зашто се мери со лажици, кој пак многу брзо ми се троши и често го приготвувам. Вие одберете ја верзијата која вам повеќе ви се допаѓа. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
3 јајца
150 г шеќер
100 мл млеко
50 мл масло
150 г брашно
1/2 кесичка прашок за печиво
За крем:
600 мл вода
150 мл сируп од портокал
3 кесички пудинг со вкус на ванила (3х40 г)
За глазура:
100 г чоколадо за готвење
3-4 лажици масло
РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки:
2 јајца
12 лажици шеќер
12 лажици млеко
10 лажици масло
15 лажици брашно
1 кесичка прашок за печиво
За фил:
4 лажици џем од кајсии
1 поголем замрзнат портокал
4 лажици млеко
2 лажици масло
За глазура:
100 г чоколадо
50 г путер
2 лажици млеко
ПОСТАПКА за рецепт 1:
Одвојте ги белките од жолчките. Посебно изматете цврст снег од белки, а посебно жолчките со шеќерот додека да добиете смеса како крем.
Додајте ги млекото и маслото, изедначете, па додајте го брашното помешано со прашок за печиво и просеано.
Откако ќе ја изедначите смесата додајте го снегот од белки, но мешајте полека за да остане смесата воздушеста.
Добиената смеса излејте ја во во намастен и набрашнет калап (25х35 см) и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 10-15 минути.
За фил: пудингот измешајте го со сирупот од портокал, додајте вода и сварете со непрекинато мешање додека да згусне. Кремот премачкјате го преку оладениот бисквит. Чоколадото растопете го на пареа и излејте го врз колачот (додека филот е топол).
ПОСТАПКА за рецепт 2:
ЧЕКОР 1: изматете 2 јајца со постешено додавање на шеќерот додека убаво да згуснат, па додајте млеко и масло, а на крај просеано брашно помешано со прашок за печиво.
Измешајте ја смесата со лажица или со бавна брзина на миксерот додека да се изедначи. Печете во голем плех. Ќе добиете потенка кора. Поделете ја на половина и едниот дел изронете го.
ЧЕКОР 2: Во изронетиот дел додајте рендан портокал (кој отстојал 3-4 часа во замрзнувач), џем, млеко и масло. Направете еднолична смеса. Со оваа смеса филувајте ја кората.
Направете глазура од чоколадо, путер и млеко (растопете ги на тивок оган), па прелијте преку филот. Изладете и сечете на коцки. Напомена:
Оригиналниот рецепт ми е запишан: 12 лажици шеќер, 2 јајца, 24 лажици масло (200 мл), 24 лажици млеко (200 мл), 24 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво. За крем: 1 смрзнат портокал и 2-3 лажици џем по избор. За глазура: 100 г чоколадо и 30 г путер. / Рецепт на Тања.