Здраво на сите, се надевам дека сте добро. Денес ќе ви откријам еден рецепт за одличен колач кој се приготвува без брашно. За целиот колач доволни се три супени лажици кафеав шеќер или некоја негова замена како што е стевијата, маџунот, јаворовиот сируп или нешто по ваш избор.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г бадеми, 1 јајце, 70 мл млеко, 4 лажици масло, 3 лажици кафеав шеќер или негова замена, 4 г прашок за печиво (една лажичка), 100 г чоколадо. Ова е основната мерка состојки, но доколку сакате можете да ги зголемите количините запазувајќи го истиот сооднос.




Бадемите сомелете ги во блендер додека да добиете брашно. Внимавајте при мелењето да не претерате, бидејќи ќе започне да се одвојуваат маслата и смесата ќе стане леплива.




Во садот со мелените бадеми додајте едно јајце, четири супени лажици масли и три супени лажици кафеав шеќер. Количината на шеќерот можете да ја намалувате или зголемувате според вкус или да користите некоја замена (еритритол и сл.)




Промешајте ги добро сите состојки додека да се изедначи смесата, а при крајот додајте и 70 мл млеко. Промешајте со лажица или шпатула. Помал калап или плех со средна величина обложете го со хартија за печење.




Рамномерно распоредете ја добиената смеса во калапот и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 10-тина минути. Потоа извадете го колачот и прелијте го со чоколадна глазура.




За чоколадна глазура може да користите некое чоколадо со мин.70% какао кое ќе го растопите во микробранова печка или на пареа со една лажица масло или путер. Исто така, може да користите било какво друго чоколадо (наменето за дијабетичари, ако сакате да биде без шеќер).




Растопеното чоколадо прелијте го врз колачот, израмнете и оставете да се олади најпрво на собна температура, а потоа малку и во фрижидер. Потоа можете да го сечете и послужите.




Овој колач може да се приготвува во најразлични форми. Смесата лесно се обликува, па од неа можете да правите и колачи, или да полните хартиени корпички. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.