Бидејќи оваа торта многу набрзина ја смислив, зошто имав потреба од нешто брзо и кремасто, а немав име… Смислував разни називи, ама сите беа веќе некако “потрошени” и во шега помеѓу сопругот и мене, а во тренд на денешните случувања, некако самото име исплива на површина.
Тортата е направена со турски кекси, слатка и кисела павлака и два слоја чоколадо. Оваа е со помали димензии, онака, семејна, а доколку ви е потребна поголема, слободно зголемете ги мерките. Турскиот кекс можете да го најдете во сите поголеми маркети.
За една помала торта со димензии 30х20 см, ќе ви бидат потребни следните состојки: Потребни состојки: 300 г турски кекси (1 пакување), 100 г шеќер во прав, 500 мл слатка павлака, 400 г кисела павлака, 200 г чоколадо за готвење, 5 лажици масло, 5 лажици млеко или повеќе ако е многу густо
Постапка: Поделете ги кексите на три еднакви делови. Најдобро е да имате калап од 30х20 см, некоја тепсија или нешто слично. Може да се искористат и калапи со слични димензии, како 25х25 см, 23х33 см и сл. Мене најлесно ми е сè да правам во калап, или во тепсија, па потоа само ја превртувам тортата и ја тргам фолијата. Вие направете како вам ви е најлесно.
Измешајте ја киселата павлака со шеќерот во прав, па изматете. Слатката павлака изматете ја како шлаг, па спојте ги заедно со киселата павлака и заедно изматете ги. Кексите нема потреба да се натопуваат во млеко, но тоа зависи од самите кекси што ќе ги употребите. Во тепсијата на дното ставете фолија, па започнете со редење на крексите.
Чоколадото растопете го со масло, промешајте и додадете млеко па соединете. Врз кексите намачкајте една петина од приготвениот фил. Израмнете, па нанесете половина од растопеното чоколадо. Развлечете и ставете во фрижидер малку да се стегне.
Потоа, за некои 10-тина минути, повторно премачкајте петина од филот, наредете нов ред кекси, повторно фил, ред чоколадо, па почекајте да се стегне, па повторно фил, третиот ред кекси кои можете малку да ги натопите во млеко.
Премачкајте ја тортата со малку фил што сте го сочувале. Ако ја превртувате тортата врз чинија за послужување, ставете неколку лажици млеко врз горниот ред бисквити. Декорирајте по желба. Тортата е најдобро да излади неколку часови пред послужување.
Recepti.com