Ако нешто не прави луѓе, тогаш тоа е умот, мислите и чувствата.
Сепак, се појави контроверзен концепт кој тврди дека желудочните бактерии се невидлива рака која ги менува карактеристиките на човековиот мозок. Научниците ширум светот истражуваат како трилиони микробиоми (еколошки заедници на микроорганизами) кои живеат во луѓето и на површината од кожата влијаат врз физичкото здравје на човекот.
Дури и состојбите како што е депресијата, аутизмот и невродегенеративните болести се поврзуваат со овие ситни суштества – микробиомите, пишува британскиот BBС.
Веќе со векови е познато дека човековите чувства како што се стресот или стравот, имаат големо влијание врз желудникот, но сега научниците сметаат дека влијанието на чувствата врз желудникот е всушност е двонасочна улица, пришто желудникот има влијание врз чувствата.
Група истражувачи веруваат дека се на прагот од револуција која користи „расположение на микроби“ или „психобиотици“ за подобрување на менталното здравје. Истражувањето кое поттикна глобална расправа е осмислено и спроведено на јапонскиот Универзитет Kyushu.
Истражувачите откриле дека „чистите“ глувци – оние кои никогаш не биле во контакт со микроорганизми – создале двојна количина од хормонот на стресот при некоја неповолна ситуација, за разлика од нормалните глувци.
Животните биле идентични, освен нивните микроорганизми. А тоа било силно наговестување дека разликата во нивната реакција е поврзана со желудочните бактерии, ако се земе во предвид дека тоа била единствената разлика помеѓу овие две групи.
-Сега се враќаме на првото истражување за време на првиот бран невролози кои се бават со микроби. Тоа истражување било од пресудна важност за нас кои ја проучувавме депресијата и анксиозноста – вели д-р Џејн Фостер, невропсихијатар од Универзитетот Мекмастер, Канада.
Во тоа истражување за првпат воопшто се споменува можност за употреба на микробиолошката медицина во лекување на психички болести. Сега веќе постојат многу докази кои ги поврзуваат „чистите“ глувци со промената во однесување, па дури и со структурата во мозокот. Но нивното стерилоно опкружување во кое пораснале, не е ни слично на вистинскиот свет. Сите суштества постојано се изложени на многубројни микроби од околината и сите на себе и во себе носиме различни бактерии.
Професорот Тед Динан од Универзитетската болница Корк се обидува да открие што се случува со микробиомот кај пациентите кои патат од депресија. Истражувањата говорат дека добар микробиом е разновидниот микробиом кој содржи широк спектар микроорганизми кои живеат и на телото на луѓето.
-Ако споредите некој кој е клинички депресивен со некој здрав човек, ќе пронајдете намалена различност на микробиомите. Не велам дека микроорганизмите единствени се заслужни за појава на депресија, но верувам дека кај многу луѓе микроорганизмите играат улога во генезата на депресијата – изјавил професорот Динан.
Исто така, тој смета дека исхраната во која се недоволно застапени растителни влакна, ослабува цревната флора и ги прави луѓето ранливи и подложни за развој на болести.
Тоа и интригантен концепт, дека нерамнотежата во цревниот микробиом може да биде вклучена во депресијата.
Затоа научниците од APC Microbiome Center, започнале со пресадување на микробиомот од депресивни пациенти врз животни.
Се покажало дека ако пренесете бактерии од човек на животни, се пренесува и однесувањето.
-Бевме многу изненадени што со земање на примероци од микробиоми може да се репродуцираат особините на депресивен поединец врз глушецот – изјавил професорот John Cryan. Се покажало дека на овој начин се пренесува и анхедонија, сериозно психолошко пореметување кое се карактеризира со целосно исчезнување на задоволството и интересот кај поединецот за сето она што го опкружува.
Така на пример, во експериментот, глувците кои не можеле да престанат да ја пијат зашеќерената вода, откако им бил направен преносот, потполно ја игнорирале.
-Кога им бил пренесен микробиом од депресивен човек, повеќе не им беше грижа за зашеќерената вода – изјавил професорот Cryan.
Слични докази за микробиомот, желудочните бактерии и мозокот се појавуваат во истражувањата поврзани со Паркинсонова болест. Тоа е очигледно невролошко пореметување.
-Класичните невролози би сметале дека е ерес дека со истражување на желудникот да може да се разбере што се случува во мозокот – изјавил професорот Саркис Мазманиан, медицински микробиолог од Универзитетот калтех, САД.
Тој пронашол „исклучително големи“ разлики помеѓу микробиомите на луѓето со Паркинсонова болест со оние кои ја немаат. Истражувањата направени врз животни, кои генетски се условени да развијат Паркинсонова болест, покажале дека за развој на болест потребни се желудочни микробиоми. На пример, кога микробиомите од столицата на пациент со Паркинсова болест се пресадат во глувци, симптомите биле далеку полоши отколку во случај кога им се пресадувал микробиом од здрав човек.
-Се чини дека промените во микробиомите ги започнуваат симптомите на болеста. Многу сме возбудени поради ова откритие, бидејќи ни овозможува користење на микробиоми како нов вид на терапија – изјавил проф.Мазманиан.
Доказите кои го поврзуваат микробиомот со мозокот се фасцинантни, во почетната фаза од истражувањето. Но, пионерите на ова поле гледаат возбудлива перспектива на повидок – целосно нов начин на влијание врз здравјето и општото добро на луѓето.
Ако микробите влијаат врз мозокот тогаш можеби научниците би можеле да ги подобрат човековите микроби.
Дури и сега психијатрите им препишуваат на своите пациенти микроби или психобиотици (пробиотички коктел од здрави бактерии) за подобрување на расположението.
-Ако ги промениме бактериите, можеме ли да го промениме и начинот на кој реагираме? – прашањето го поставила д-р Кирстен Тилиш од Калифорнискиот Универзитет во Лос Анџелес. Таа смета дека е потребно да се направам повеќе истражаувања кои ќе проверат како кој реагира на микробиомите.
-Многу е возбудливо што постои нова насока во истражувањата чија цел е да им се помогне на болните луѓе, дури и да се спречи појава на некои болести – изјавила д-р Тилиш.
Храната која ја јадеме, миленичињата кои ги имаме, лековите кои ги користиме, начинот на кој сме се родиле, сето тоа се фактори кои влијаат врз човековиот микробиом.
-Предвидувам дека во следните пет години кога луѓето ќе одат на лекар за проверка на холестерол, пропратно ќе им се испитува и микробиомска слика. Микробиомот е темел на идната персонализирана медицина – заклучува проф. Кријан.
Како бактериите го менуваат мозокот?
Мозокот е најсложен орган во човековото тело, во познатиот свет, па како тогаш може да реагира на желудочните бактерии?
-Една од теориите говори дека за се’ е одговорен нервот вагус, автопатот на информации кои го спојуваат мозокот и желудникот.
-Втората теорија говори дека бактериите ги раствораат влакната и хемикалиите кои влијаат врз целиот човеков организам.
-Третата теорија говори дека микробиомите влијаат врз имунитетот, за кој се смета дека е поврзан со цереброваскуларни болести.
-Токму сега се расправа за новите докази дека желудочните бактерии може да се користат за менување на ДНК во нервните клетки.