Здраво НМД! Имам уртикарија, осип на кожата што повремено ми се појавува и алергија на се’ можно! На сите можни хемикалии и средства за чистење, прашоци, креми и останато. Кожата знае да ме чеша понекогаш до полудување, ми се суши, се затегнува, некогаш поцрвенува а честопати самата си предизвикувам рани од чешање.
Овој мацерат многу ми помогна! Кожните проблеми можеби најчесто се лекуваат одвнатре а не однадвор, но овој мацерат многу помага кај симптомите. Еве како јас го приготвувам, не сум експерт, ако знаете подобар начин кажете го.
Користам сончогледово ладно цедено масло, а ајдучката трева (бела) ја берам цвет со гранче и листови и ја сушам под сенка (така ми кажаа дека мора да се исуши за да нема влага во нега кога ќе се мацерира).
Кога билката ќе се исуши ја сечкам ситно, ја полнам теглата и ја преливам со маслото. Над билката мора да има околу еден прст масло. Се чува на темно, никако на сонце, да отстои 40 дена, а потоа се процедува. Оваа година планирам да купам масло од ноќниче, тоа е поскапо, но одлично е за јадежи на кожа.
Откако ќе го процедите маслото чувајте го во темно шишенце или обиткајте го со алуминиумска фолија и чувајте го во фрижидер. Некои ме советуваа дека не треба толку да се суши билката, јас ја сушам како за чај.
*коментар на НМД: Билката потребно е најмалку еден ден после берењето да се остави на сушење, за да излезат ситните бубачиња доколку ги има во густиот цвет и да излезе влагата од цветот.
Сушењето на цветот е потребно за да не се појави мувла во мацератот. Теглата може да се затвори со ткаенина и на тој начин да има проток на воздухот, но да биде под сенка и да не се изложува на сончева светлина.