I РЕЦЕПТ – Густ сок од јаболко и морков, здрав и без конзерванси, потсетува на соковите од Фруктал. Ова е основната верзија за сокот кој со години го правам, а овошјето го менувам во зависност од сезоната. Го комбинирав со кајсии, праски, круши, дуњи…
Секој си е вкусен сам по себе, а многу потсетуваат на скапите сокови на Фруктал, само овие се сепак домашни и без конзерванси, па уште ако имате домашно непрскано овошје…мммм. Потребни состојки:
Околу 5 кг исчистени и излупени јаболка (или овошје по ваша желба или комбинирано), 500 г – 1 кг моркови (морков ставам само кога правам сок од јаболка, круши или дуњи, поради бојата), 1,5 кг шеќер (кој не сака нека стави замена, како стевија на пример или ксилотол), лимонска киселина, вода.
Постапка: Овошјето исчистете го и исечкајте го на парчиња, па ставете го со вода на тивок оган да се вари. Истото направете го и со морковот. Јас морковот го готвам посебно бидејќи малку подолго се готви од другото овошје. Кога се варени јаболката и морковите, оставете ги да изладат.
Можете да додадете ладна вода за побрзо да изладат. Потоа измиксајте ги во блендер, јас користам соковник зошто ми го прави сокот како купечкиот. Измерете колку сте добиле течност (овошјето и водата во кое се готвеше), па додадете онолку вода колку што е потребно за да добиете околу 19-20 литри сок.
Додадете 1,5 кг шеќер и околу 80 г лимонска киселина. Мешајте и пробајте дали ви одговара, бидејќи секое овошје не е еднакво кисело ниту слатко. Ставете на оган, колку еден клуч да се направи и да се растопи шеќерот, а пената не мора да ја тргате.
Во меѓувреме измијте ги шишињата, стерилизирајте ги во топла рерна и спремете си соодветни чепови со кои убаво ќе се затворат шишињата. Топлиот сок складирајте го во топли шишиња, затворете ги и оставете ги затоплени додека да изладат.
Овој сок иако нема многу шеќер (на 20 литри не е многу 1,5 кг шеќер) и нема конзерванси, сепак може да се сочува со месеци. Сигурно дека најздрав е свежиот сок кој ќе го исцедите пред да го испиете, но и овој сок содржи многу хранливи материи и особено го сакаат децата зошто во секој миг си имаат готов да си стават во чаша и да си пијат. Многу е вкусен.
II РЕЦЕПТ – Домашен густи сок од дуњи, јаболка, круши, моркови и лимони – многу вкусен. Фотографија и рецепт на Драгана Ѓорѓевиќ – Домашен густи сок. Од овие состојки се добиваат 17 шишиња од 1 литар. Сокот е феноменален, има ненормално добар вкус, па доколку сте во можност задолжително пригответе го.
Потребни состојки: 2 кг дуњи, 2 кг јаболка, 2 кг круши, 1,5 кг моркови, 30 г лимонтус или поголем лимон, 1,5 кг шеќер. Постапка: Убави измијте го и исчистете го наведеното овошје и морковите, а потоа исечете ги плодовите на покрупни парчиња.
Сокот го приготвував во тенџере од 20 литри. Најпрво ставете го морковот и 3 литри вода, поклопете и вклучете на умерен оган. Кога ќе се свари морковот додадете ја дуњата и така продолжете по ред. Ако водата испари додадете слободно уште вода.
Кога сè ќе се свари земете рачен миксер и добро изблендирајте. Потоа додадете 10 до 12 литри вода, лимонтус (или цеден сок од лимон) и шеќер. Потребно е на тивко да се довари уште 10-тина минути за да се растопи убаво шеќерот. Врелиот сок складирајте го во загреани стаклени шишиња со нови капачиња.
По желба може да додадете уште шеќер (или мед кој сака) или лимон, по желба. Исто така, кој не го сака толку густ сокот може да го процеди низ крупна цедалка или газа. Може и сами да го комбинирате овошјето, од нешто да ставите повеќе, а од нешто помалку, сè по вкус. Сокот не се разредува со вода. Во него се ужива во секое време со добро друшто. По желба, во чашата може да додадете некоја коцка мраз.
III РЕЦЕПТ – Економичен и здрав густ сок од морков (и јаболка по желба) без конзерванси. Фотографија и рецепт на Ана Пајиќ. Од оваа количина состојки се добива околу 7 литри густ сок.
Сокот е многу едноставен за подготовка, бидејќи не мора да стоите покрај шпоретот цело време, само повремено треба да се проверува за да се промеша и да се собере пената. Вкупниот трошок заедно со јаболката е околу 3 евра, така што ова е доста економичен рецепт.
Готвениот морков е многу лековит и од него полесно се апсорбира бета каротенот. Потребни состојки: 2 кг моркови, 4 литри вода, 2 лимонтуси (или сок од еден лимон), 1 кг шеќер (по желба, може и без, а може и дополнително да се додава мед посебно во чаша), за подоцна уште 2 литри вода.
По желба може да се додадат и јаболка, а и не мора, јас имав 4 јаболка со средна величина. Ако правите во комбинација со јаболка, тогаш на секој килограм јаболка, подоцна се додава половина литар вода, односно после варењето кога сè се пасира.
Освен кога се ставаат повеќе килограми јаболка, водата се става на почеток од варењето, за да може овошјето да се вари вода, зошто 4 литри ќе бидат малку. Јас не додавав вода за нив, затоа што имав околу 400-500 г. Постапка: Морковот убаво се мие и се чисти, па се сече на подебели кругови.
Се става во подлабоко тенџере и се прелива со 4 литри вода. Доколку додавате и јаболка, можете веднаш да ги ставите излупени и исечени или кога морковот е до половина зготвен. Јаболката се помеки и побрзо се готват од морковите.
Тенџерето во кое се варат морковите на умерено силен оган, поклопете го, но оставете 1-2 см за да излгува пареата. Кога морковот е сварен (внимавајте да не се превари), испасирајте го со водата во која се вареше, па вратете го тенџерето на оган.
Додадете ги преостанатите 2 литри вода (а ако сте додале и јаболка, тогаш + половина литар на секој килограм јаболка), а шеќерот и лимонтусот додавајте ги постепено. Промешајте, вкусете го сокот и на тој начин полесно ќе оцените која количина на шеќер и лимонска киселина ќе ви биде потребна.
Јас ставив 1 кг шеќер и две кесички лимонтус (40 г). Варете уште половина час, собирајте ја пената и после тоа намалете го огнот колку да се одржува температурата додека го складирате сокот.
Во врели стаклени шишиња или тегли собирајте го врелиот сок, прво многу по малку, постепено, за да не испукаат ако одеднаш се наполнат. Наполнете до 1 см од чепот, добро затворете со метален капак и полека превртете наопаку за да се вакумираат.
На овој начин се создава вакуум во шишето, па сокот има подолг рок на траење без да се расипе. Кога сокот целосно ќе се олади, може да го наредите во оставата заедно со другата зимница. Кога ќе го отворите шишето со сок, мора да се чува во фрижидер и да се протресе пред употреба.
Сокот е многу едноставен за подготовка, бидејќи не мора да стоите покрај шпоретот цело време, само повремено треба да се проверува за да се промеша и да се собере пената. Вкупниот трошок заедно со јаболката е околу 3 евра, така што ова е доста економичен рецепт.
IV РЕЦЕПТ – Сок од кајсии без конзерванси и лимонтуси, потсетува на густиот сок од детството! Оваа година веројатно ќе имаме доволно кајсии за мармалад, џем, слатко и сок. Ова многу вкусно и лековито овошје за жал, го нема преку целата година и во неговиот свеж плод можеме да уживаме само извесен период.
Има години кога кајсии нема ни за лек, па барем оваа дождлива пролет и лето да уживаме во овој вкус. Рецептот за сирупот од кајсии е проверен и лесен за приготвување. Сирупот е густ, па така неразреден може да се прелива врз сладолед од ванила или врз павлака.
А, кога ќе го разредите потсетува на омилениот густ сок од кајсии од нашето детство, оној од фруктал во тетрапак… Милина! Потребни состојки: 1 кг кајсии, 800 мл вода, 500 г шеќер/фруктоза/стевија. Постапка: Кајсиите измијте ги добро, извадете им ги семките и исечете ги на помали парчиња.
Ако се домашни и непрскани никако немојте да ги лупите, зошто токму лушпата е таа што дава убава и миризлива арома. Кајсиите ставете ги во лонец со дебело дно и прелијте ги со вода. Ставете на умерен оган и кога ќе зовријат варете ги 15-тина минути (ако е пресилен оганот, намалете го).
Потоа испасирајте низ сито-пасирка (пасирката ставете ја преку друг лонец зошто подоцна во него ќе продолжи варењето на сирупот). Кога ќе го испасирате овошјето, во добиениот сируп додадете го шеќерот и продолжете со варење на тивок оган додека сирупот да згусне.
Оставете го да излади, а потоа складирајте го во чисти, суви стерилизирани шишиња. Сирупот чувајте го на ладно или фрижидер. За сок: сирупот разредувајте го со вода според вкус. Неразреден има прекрасен вкус и мирис, па одличен е како прелив за сладолед или за појадок да додадете во вашиот појадок со јогурт и овошје.
V РЕЦЕПТ – Енергетски сок од тиква и моркови за регенерација на видот, чистење на лицето и сјајна коса. Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ. Се приготвува многу брзо, а вкусот е извонреден. Ова е основна количина, а вие ако сакате зголемете ги количините.
Под рецептот има и линк од видеото каде можете да го погледнете приготвувањето. Потребни состојки: 1 кг тиква, 3-4 моркови поголеми и 1 литар вода. За сируп: 2 литри вода, 300-500 г шеќер или мед, 1 лимонтус, 1-2 лимони – сок. *По вкус екстракт од кајсија или ананас.
Постапка: Тиквата и морковите исечете ги на помали парчиња и ставете ги во тенџере со вода, да бидат прекриени. За околу половина час варење тиквата е омекната, па може веднаш да се испасира со рачна пасирка или блендер. Кашата се остава на страна да излади.
За тоа време се приготвува сирупот: Се ставаат шеќерот и водата на оган да се растопи шеќерот, па откако ќе зоврие се вари уште 2-3 минути. Потоа се трга од оган и се остава малку да подизлади. Во сирупот се додава сок еден или два лимона (по вкус), еден лимонтус и по желба може да се додаде малку екстракт со вкус на некое овошје.
Изладената каша од тиква и морков процедете ја низ газа. Ако сакате покашест сок, тогаш доволно е само убаво да го изблендирате да нема грутчиња. Во испасираната смеса додадете го сирупот со лимонов сок. Убаво промешајте и складирајте во претходно стерилизирани шишиња. Излегуваат околу 4-5 шишиња од 700 мл. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
VI РЕЦЕПТ – Домашен сок без шеќери и конзерванси – брза и лесна подготовка – витамински сок од тиква за имунитет. Рецепт и видео презентација на: Направи сам – Идеи за креативци – Домашен витамински сок од тиква е рецепт за домашен сок без грам шеќер, прав, есенски.
Можете да го приготвите како густи сок, а доколку го процедите ќе добиете бистар сок. Ова се состојките кои ги користев за да добијам 2,5 литри сок. Се разбира дека со термичка обработка дел од витамините се уништуваат.
Но, доколку сокот се вари на тивко, голема количина од нив останува, а што е најважно, нема додавање на конзерванси, вештачки бои и други адитиви и засилувачи на вкусови. Потребни состојки: 500-600 г исчистена тиква (може да користите било каква тиква која ја имате).
Потоа, 4 јаболка, 2 моркови, 2 лимони, 2 банани, 2 портокали или мандарини, 3-4 лажици мед (или по вкус), лажичка цимет или ѓумбир, доколку сакате, не мора, 1 кесичка лимонтус и 2,5-3 литри вода. Постапка: Најпрво излупете ги морковите, крупно исечете ги и ставете ги во тенџере со вода.
Ставете го да се вари додека го приготвувате другото овошје. Јаболката измијте ги, исечете ги и извадете им ги семките. Лимонот исечете го на четвртини, извадете ги семките, исто така. Тиквата излупете ја и исечете ја на коцки, па додадете ја кај морковот што веќе се вари, а додадете го и другото овошје.
На крај излупете ги бананите, па додадете ги и нив. Поклопете и на тивко варете околу половина час. Повремено со виљушка проверете дали намирниците се сварени. Исцедете лимон, портокали или мандарини, а во сокот додадете по лажичка цимет и ѓумбир доколку сакате.
Потоа со рачен блендер добро сомелете ги сите намирници додека да добиете еднолична каша. На крај засладете, додадете го исцедениот сок и додадете лимонтус (единствената намирница која не е природна во овој сок, но не е ни штетна).
Сокот вратете го на оган на уште еден “клуч” и штом зоврие веднаш тргнете го и топол складирајте го во стаклени шишиња. Затворете ги со капачиња и завиткајте ги убаво во ќебиња или било каква хартија (весници и списанија), па оставете ги така да се оладат.
Количината на водата и медот можете сами да ја менувате во однос на тоа дали сакате посладок или погуст сок. Сокот се чува на темно и ладно место. Постапка доколку сакате дополнително да го пастеризирате сокот за да му го продолжите рокот на траење:
Доколку сакате да направите пастеризација, тогаш теглите или шишињата со сок вратете ги во рерна на 100 степени уште половина час, иако нема потреба. Минатогодишниот сок траеше до крај и беше феноменален. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.