Сите кои имале можност да ја пробаат оваа торта, сигурно ќе се согласат дека таа е една од најубавите што постои.
Постојат повеќе верзии од неа, а која е оригиналната тешко е да се разликува, зашто во се разликуваат во ситни нијанси, како што е на пример количината на шеќер.
Следниот рецепт е најблиску до оригиналниот, но секако вие по ваш вкус може нешто да додадете или одземете.
Оваа торта не е од оние „брзинските“ што се прават за 15 минути, туку се приготвува постапно, во неколку чекори. Иако постапката е прилично лесна и едноставна, сепак, на крај се исплати секоја потрошена минута за неа. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за бисквит): 12 белки, 12 лажици шеќер, 4 лажици остро брашно, 300 г мелени ореви. За прв премаз: 120 г шеќер, 50 г путер/маргарин. За втор премаз: 120 г чоколадо, 120 г путер/маргарин. За фил: 12 жолчки, 4-5 лажици шеќер (до 8 лажици по вкус), 100 мл млеко, 1-2 кесички ванилин шеќер, 200-250 г путер/маргарин
ПОСТАПКА: Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови, па белките пенасто изматете ги со миксер и кога ќе згуснат започнете постепено да го додавате шеќерот, малку по малку, сè додека тој да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа од садот кога ќе се преврти.
Потоа миксерот не ви е повеќе потребен, па додајте го брашното и мелените ореви, исто така постепено, додека нежно мешате со лажица или кујнска маталка-жица, со превртување на смесата од долу кон нагоре.
Оваа смеса од 12 белки можете одеднаш да ја направите и да ја испечете во големиот плех од рерна (а потоа да ја исечете на три широки ленти) или да ја поделите на три еднакви делови и да ги печете посебно во помал калап за торти со флексибилен обрач. За обликот на тортата сами одлучете.
Ако смесата ја матите за секоја кора посебно, тогаш во тој случај, за една кора ќе ви бидат потребни: 4 белки, 4 лажици шеќер, 1 лажица остро брашно и 100 г мелени ореви.
Ако се одлучите да печете една кора во големиот плех, истиот претходно намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го (или обложете го со хартија за печење).
Приготвената смеса рамномерно распоредете ја врз целата површина на плехот и израмнете, па ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 20-25 минути, во зависност од рерната. Печениот бисквит оставете го да се олади.
За првиот премаз: Во едно тенџерче ставете го шеќерот и загревајте го на умерена температура додека да добие карамел боја. Потоа додајте го путерот и мешајте кратко додека да добиете убава карамел смеса.
Со оваа врела карамел-смеса во многу тенок слој премачкјате ги корите. штом карамелот се стврдне веднаш избоцкајте го густо со виљушка, за да можат подоцна полесно да се сечат корите.
За втор премаз: растопете ги чоколадото и путерот на пареа или во микробранова печка, па кога малку глазурата ќе подизлади, премачкајте ја врз сите три кори, преку слојот од карамел. Оставете целосно да се олади и да се стегне.
За фил: Изматете ги жолчките со шеќерот додека тој да се растопи и да се добие светол и густ крем. Потоа ставете ги на пареа и со постепено додавање на млекото сварете ги со непрекинато мешање додека кремот да згусне. Тргнете го настрана и оставете да се олади на собна температура.
Кога путерот и сварениот крем ќе постагнат иста собна температура, пенасто изматете ги и соединете ги (во путерот постепено додавајте го кремот додека матите со миксер).
Со кремот премачкајте ги сите три кори, а го има во доволна количина, па со него може да се премачка и целата торта одозгора и од страните. Декорирајте по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.