Поздрав драги мои домаќини и домаќинки. После рецептот за зелка во тегла кој на многумина им се допадна, особено на опние кои немаат подрум каде да го чуваат бурето со зелка, добив 10-тици прашања како може истата постапка да се искористи, но овојпат за да се конзервираат листовите кои се потребни за виткање сарма.




Па така, се сетив на еден рецепт од мајка ми кој го приготвуваше секогаш кога беше во брзање, па го приготвуваше и едниот и другиот начин, иако дома имавме подрум. Па, сакав нејзината досетливост да ја споделам со вас, а воедно на тој начин да ги сочувам и нејзините рецепти.




Да напоменам, исто како и кај ситно сечканата зелка, немојте цврсто да ги затворате теглите, туку само поклопете ги со некоја тацна, за да може зелката да ферментира и да се скисели. После тоа можете да го пакувате во кесички, па во фрижидер и да си имате преку цела година листови од кисела зелка за сарма.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Зелка, сол, вода и 100 мл бел (ал-кохолен) оцет 9%. Постапка: одберете убави главици зелка, исчистете ги од надворешните листови и од евентуална нечистотија, па внимателно отстранете им го „кочанот“, односно тврдиот средишен дел.




Во големо тенџере на оган ставете вода да зоврие. не го преполнувајте тенџерето затоа што нивото на водата ќе се подигне. Дури тогаш додајте уште врела вода, доколку е потребно.




Во издлабениот дел на зелката додајте 2 супени лажици сол и дополнете со бел оцет за да помогне зелката да ја сочува својата цврстина. Оставете ја зелката во врелата вода 15-тина минути, а потоа свртете ја и од другата страна.




На тој начин солта која претходно ја ствивме во вдлабнувањето ќе се раствори во водата, па подоцна ќе треба уште малку да се досоли. Додека главицата се вари во овие 15 минути, повремено со помош на кутлача долевајте од врелата вода во средишниот дел.




На тој начин побрзо ќе омекне зелката и полесно ќе се одвојуваат листовите. После 15 минути превртете ја зелката и продолжете со варење уште 10-15 минути. При превртувањето помагајте со лопшатка и долга виљушка, внимавајќи да не се попа-рите.




Кога ќе омекне зелката и добие жолтеникава боја, внимателно извадете ја зелката во некој сад/тепсија/плех и оставете малку да подизлади за да можете да ги извадите листовите и да ги пакувате.




Доколку ставате втора главица во тенџерето, тогаш доволно е во вдлабнувањето да ставите само една лажица сол, бидејќи во водата веќе има сол и оцет. Кога листовите малку ќе подизладат, отсекувајте го задебелениот дел од нив, па започнете да ги редете врз работна површина.




Ставете еден лист зелка, наросете го со малку сол, па врз него ставете друг лист, посолете, и така додека наредите 4-5 листови, во зависност од големината. Спакувајте ги како да виткате кифличка и свиткајте ги во ролна. Пакуваните ролни редете ги во голема стаклена тегла.

Празнините во теглата можете да ги пополните со оние помали делови кои преостанаа од зелката. Кога ќе ја исполните целата тегла, исцедете ја течноста која ќе ја испуштат листовите. Потоа пригответе солило: во 1 литар ладна вода ставете 2 рамни супени лажици сол и промешајте додека целосно да се растопи.

Врз зелката ставете бели пластични мрежички или некој пластичен капак, па залијте ги со ладното солило. теглата не треба да се полни до врв и не треба да се затвора. поклопете ја со некоја тацна и оставете да ферментира.

Киселата зелка за да не прекисели, подоцна убаво затворете ја и чувајте ја на ладно, а можете да ја префрлите во кеси и да ја замрзнете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.