На американските, новогодишни филмови, секогаш можат да се забележат овие колачиња кои најчесто се послужуваат на масата со останатите декорации, а кај нас покрај божиќното гранче. Ако некогаш сте помислиле какви се по вкус, направете ги оваа година за да ги израдувате вашите најмили.




Нема ништо повкусно од божиќни колачиња кои се меки и со секој залак се топат во уста, а покрај тоа вкусот на чоколадото кое доаѓа од ситните парчиња совршено си одговара со сите останати намирници. За време на печењето, овие колачиња се топат и самите се формираат. Еве што ви е потребно за да ги направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 шолја кафеав шеќер (100 г), 1/4 шолја бел шеќер (50 г), 1/2 чаша омекнат, несолен путер (115 г), 1 големо јајце, 2 мали лажици ванилин екстракт, 1,5 шолја бело брашно (190 г), 3/4 лажичка сода бикарбона, 1/2 лажичка сол, 1 шолја чоколадни трошки (топчиња) – 160 г.




ПОСТАПКА: Во поголем сад со виљушка изгмечете го растопениот путер со кафеавиот и белиот шеќер. Со миксер започнете да ја матите смесата додека да добиете кремаста структура, како шлаг. Матете околу 2 минути за да ја добиете потребната конзистентност. Потоа додајте го јајцето, екстрактот од ванила и матете додека да се соединат состојките.




Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: брашно, сода бикарбона и сол. Започнете да ја додавате смесата од суви состојки во смесата со путер. Најдобро е сувите состојки да ги додавате етапно, прво едната, па другата половина, а во меѓувреме, добро да ги изматите состојките со миксерот, за да нема грутчиња.




Додајте ги чоколадните трошки/топчиња. Во оваа фаза, ако тестото е премногу меко, покријте го и ставете го во фрижидер да отстои 20-тина минути минути, додека да се стегне. Загрејте ја рерната на 175°C, а плехот во кој ќе ги печете колачиња, обложете го со хартија за печење.




Формирајте топчиња, кои може да ги формирате со внатрешнииот дел од лажицата или помеѓу дланки. Црпете еднаква количина од топчињата, како мерка може да се послужите со лажица-црпалка за сладолед. Важно е колачињата да бидат одвоени околу 7,5 см, бидејќи како што напишавме погоре, тие се шират за време на печењето и добиваат форма на дискови.




Целиот плех ставете го во фрижидер 30-40 минути, за колачињата уште малку да се стегнат пред печењето и кога ќе ги ставите во топлата рерна веднаш да фатат крцкава коричка. Печете ги 10-12 минути или додека да поруменат малку околу рабовите. Оставете целосно да се изладат пред сервирање.




Колачињата може да се чуваат во херметички сад на собна температура 3-4 дена или во фрижидер до една седмица. Ако сакате да го замрзнете тестото за некоја друга пригода, потребно е да се одмрзне 1-2 часа на плех на собна температура.

Ако тестото го подготвувате 2-3 денови однапред, не мора да го ставате во замрзнувач, доволно е да го покриете со кеса или во пластична фолија и да го чувате во фрижидер, најмногу 2-3 денови. Кога сте подготвени за печење, обликувајте топчиња и печете. Ова се најчесто поставуваните прашања во врска со овие кекси:

Зошто моите колачиња останаа топчести за време на печењето?

„Ова обично значи дека има премногу брашно во тестото, што ги спречува да се шират повеќе и да добијат форма на диск. Осигурајте се дека ги користите точните мерки кои се напишани погоре во рецептот.“

Зошто премногу ми се сплескаа колачињата и излегоа многу тенки?

„Тоа може да се должи на неколку причини. Првата е дека нема доволно брашно во тестото, што предизвикува тестото да прерасне за време на печењето. Втората причина е дека не сте го изладиле тестото пред печење, овој чекор е суштински за да добиете колачиња со совршена текстура.“ Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.