Повеќето од вас веројатно ја познаваат светски познатата градина Кикенхоф во Холандија, најубавата градина со лалиња во светот. Секоја година милиони туристи ја посетуваат градината. Станува збор за огромен број на посетители со оглед на тоа што градината е отворена само во пролет и е вистинска атракција за посетителите.

Секоја година, персоналот се грижи градината да изгледа добро, како и секогаш, вклучително и оваа година. Во 2020 градината за првпат беше затворена за посетителите, а многумина беа разочарани поради тоа што немаа можност да ја видат градината во живо.




Еден познат фотограф од Холандија кој е голем љубител на нивните преубави цвеќиња отсекогаш имал желба да ја посети градината и да направи убави пејсажни фотографии. Иако имал можност секоја пролет да ја исполни својата желба, сепак поради големиот број на посетители не успеал да ја прикаже градината каква што навистина изгледа поради големите гужви.




„Како вистински Холанѓанец, јас сум голем љубител на нашите цвеќиња. И како пејсажен фотограф, секоја година уживам во нашата прекрасна пролет во која секогаш наоѓам време да ги фотографирам цвеќињата и да ја покажам нивната убавина низ целиот свет.“




„Оваа година е посебна“, вели познатиот фотограф. „Кикенхоф е затворен за првпат во 71 година. Но, тоа не значи дека нема цвеќиња. Напротив, цвеќињата изгледаат неверојатно и добиваат исто внимание и грижа како и претходно.




Сите градинари си ја вршат својата работа како и порано. Дури и без посетители, природата и „животот“ на градината продолжува“, додава фотографот. „Лалињата ги фотографирам отсекогаш. Ги фотографирам дури од сите агли, што веројатно можете да замислите, но постоеше уште нешто што отсекогаш сакав да го фатам на камера.




Станува збор точно за оваа градина. Сакав да направам албум од фотографии, каде што градината е без луѓе и посетители. Во камерата да се гледаат само убавините на природата. Сето ова се чинеше невозможно, сè до април оваа година.

Виpyсот ги задржа сите туристи во своите домови, па така знаев дека ова е мојата единствена шанса да ја исполнам долгоочекуваната желба каде што градината е без посетители за првпат.  Контактирав со луѓето од градината, објаснувајќи им што имам на ум, а тие беа толку добри, што ми дозволија да ја фотографирам градината во текот на еден ден.




Кога го посетив паркот, изгледаше исклучително добро. Интересно е тоа што искусивме сончев април во Холандија, па цвеќињата расцутеа многу брзо. Фотографирањето на сред бел ден со силното сонце беше предизвик.




Но, заборавете на фотографијата за момент. Да шетате токму овде, да го почувствувате неверојатниот мирис и да го слушнете звукот на птиците е беспрекорно искуство. Отсуството на луѓе во паркот ми овозможи да ги фотографирам лалињата и патеките од посебни агли, што обично не може да се види поради гужвата.




Овој фото-албум е иницијатива од мене и во соработка со вработените од градината Кикенхоф. Наша цел е да ја покажеме убавината на паркот преку овие слики. Штета што не е вклучена миризбата“, како за крај додава фотографот. Многумина кога ги видоа овие фотографии рекоа дека денот им бил многу поубав бидејќи градината е вистински рај за очите.




„Преку фотографиите го чувствувам мирисот, денес се чувствувам многу позитивна после овие фотографии, на сите ни требаше нешто вакво“, вели една читателка која што ги видела сликите. „Сега ми е многу поубаво, а камоли да бев таму.“