Фарбањето на велигденските јајца е традиција, па како што наближува големиот христијански празник Велигден, така домаќинките испробуваат нови начини за фарбање на јајцата. Новите иновативни идеји на домаќинките се секогаш корисни бидејќи стануваат сè полесни и полесни.




Овој пат, Драгана од „Направи сама-идеја за креативци“ ни претстави едноставен начин за фарбање на јајцата и тоа во калапи за мафини. Не треба ништо со раце да допирате, и нема да си ги обоите прстите. Ова е многу интересен метод кој може да го практикувате заедно со дечињата за да ги офарбате јајцата.




„Оваа година дефинитивно ќе пробам вака“, „Секоја година ги варам во тенџере со боја, но ова изгледа многу полесно“, „Феноменална идеја, браво, излегуваат навистина убави шари“, се само дел од коментарите на домаќинките кои ги воодушеви методот на Драгана. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: јајца, вода, сода бикарбона, малку масло, јаболков оцет и калап за мафини. Состојките немаат одредена количина, целиот процес се изведува одокативно, во зависност од тоа колку јајца приготвувате. Боите и шарите на овие јајца најдобро излегуваат на бели јајца. Ако пробате со жолти, не знам како би излегло.




ПОСТАПКА: во посебни чинии (секоја за различна боја) ставете по 1 лажичка сода бикарбона. По упатството на кесичката подгответе ги боите за јајцата (некои се потопуваат во ладна вода, а некои треба да ги ставите во топла).




Неколку капки од секоја боја се ставаат во малите чинии (тацни) и одозгора се додава 1-1,5 лажичка вода во секоја танца. Промешајте ги боите, за да добиете полугуста смеса (не треба да биде целосно течна), туку погуста конзистентност.




Можете да користите 3 бои за овие јајца да излезат декоративни. Јајцата треба претходно да бидат сварени. Јајцата се ставаат во калапи за мафини и одозгора се ставаат по 1-2 капки од секоја боја врз јајцето. Не треба да размачкувате или да ги мешате боите, само ставете по малку боја едно до друго.




Во секој калап со јајце се става по 1 лажичка јаболков оцет. Бојата ќе почне да пени и да се разлева низ јајцата. Ако во некој калап сте ставиле помалку боја, во тој случај додајте уште 1 мала лажичка јаболков оцет. Јајцата се оставаат да ,,пенат” уште 15-20 минути.




Потоа во еден сад со обична вода спуштајте едно по едно јајце и извалајте го добро со лажичка додека да се натопи на сите страни, па со ракавици измазнете го малку јајцето за да се разлеат боите.




Подготвените јајца премачкајте ги со хартија на која сте ставиле масло за сјаен ефект. За поинтензивни бои, смесата се остава да отстои повеќе време. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.