ФАНТАЗИЈА…Брз колач кој се приготвува за 20 минути…Десерт кој сите го сакаат…Вкусот не може да се опише…Без печење…
Ова е омилениот колач на повеќето домаќинки, зашто се приготвува навистина многу брзо и лесно, додека вкусот е исклучително неодолив.
Се приготвува со смрзнати малини (или свежи, ако е сезона), но наместо нив можете да употребите било кое друго бобесто овошје. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г смрзнати малини, 80 г шеќер, 30 г скроб/нишесте/густин, сок од 1 портокал (или друг овошен бистар сок), 1 пакување пишкоти, 150 г крем сирење (младо несолено сирење по избор), 50 г шеќер во прав, 150 мл слатка павлака, 15 г какао во прав, рендано чоколадо за декорација
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 210 г пишкоти, 200 мл ладно млеко. За овошен фил: 300 г малини (или друго бобесто овошје), 130 г шеќер, 300 мл вода, 1 кесичка пудинг од јагода или малина (40 г), 1 лажица скроб/нишесте/густин.
За крем: 400 мл слатка павлака, 400 г милерам (или друго крем сирење: филаделфија, АБЦ, маскарпоне), 120 г шеќер во прав, 1 кесичка желатин (со 4 лажици ладна вода). ЗА ГЛАЗУРА: 100 г темно чоколадо, 50 мл слатка павлака.
ПОСТАПКА за рецепт 1: Малините заедно со шеќерот и скробот измешајте ги во едно тенџере додека да се растопат сите состојки без да останат грутчиња, па ставете на оган и загревајте на умерена температура со непрекинато мешање додека да згусне.
Во еден помал калап на дното наредете ги пишкотите една до друга, па премачкајте ги со сок од портокал за да омекнат и да добијат цитрусна нота.
Преку пишкотите прелијте го овошниот фил. Распоредете и израмнете, па наредете втор ред пишкоти.
И овие пишкоти натопете ги малку со овошен сок, па оставете го садот настрана додека го приготвувате белиот фил од крем сирење.
Крем сирењето заедно со 50 г шеќер во прав добро измешајте за да добиете кремаста структура.
Потоа залијте со 150 мл течна павлака и изматете со миксер додека да добиете шлаг. Додајте какао во прав па полека со лажица или шпатула промешајте додека да се изедначи.
Кремот распоредете го врз пишкотите, израмнете и одозгора изрендајте чоколадо. Колачот добро изладете го најмалку 1 час во фрижидер пред послужување. Под видеото следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: најпрво подгответе го овошниот фил. Во тенџере ставете 200 мл вода и додајте го овошјето и шеќерот. Промешајте и оставете да се варат 5 минути. Пудингот и густинот измешајте ги во 100 мл вода.
Кога водата и овошјето ќе зовријат, тргнете го тенџерето малку настрана, па веднаш измиксајте ги малините со рачен блендер или лажица, да нема поголеми парчиња.
Тенџерето повторно вратете го на шпоретот, додајте ја смесата со пудингот и варете додека да се згусне, со непрекинато мешање. Тргнете го тенџерето настрана и оставете ја смесата да се олади покриена со проѕирна фолија (за да не фати коричка).
На дното од еден помал калап наредете еден ред пишкоти, претходно потопувани во млеко или сок. Колачот може да се прави и со бисквити, но јас го немам пробано така.
Над пишкотите распоредете го оладениот овошен фил, распоредете, израмнете и оставете да се стегне во фрижидер, додека во меѓувреме го приготвувате белиот крем.
За бел крем: Растворете го желатинот со 4 лажици ладна вода и оставете го да набубри. Посебно изматете ја слатката павлака додека да се добие цврст снег.
Измешајте ги крем сирењето и шеќерот во прав, па постепено додавајте ја слатката павлака и убаво изматете со миксер. Желатинот стопете го на тивок оган или во микробранова печка, постојано мешајте и веднаш додајте го во филот.
Над овошниот фил рамномерно распоредете го белиот крем. Тортата ставете ја во фрижидер додека ја подготвувате глазурата.
Чоколадото со слатката павлака растопете го на умерена температура со постојано мешање додека да се растопи чоколадото и без да зоврие павлаката, а потоа прелијте врз колачот.
Добро изладете пред послужување. Деталите од првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.