Со овој рецепт ќе добиете многу вкусно и квалитетно крем сирење кое е одлична замена за скапите млечни производи кои може да се најдат во супермаркетите како што се Маскарпоне, Филаделфија и слично.




Потребно е да издвоите само половина час од вашето време, а потоа крем сирењето можете да го префрлите во стаклена тегла или некој друг соодветен сад и да го чувате во фрижидер. Но, сигурно е дека ова крем сирење многу брзо ќе се потроши.




Одлично е за мачкање на утринските тостови, за подготовка на разни кремови, десерти и чизкејкови. Со додаток на некои зелени зачински билки, свежи или суви, може да добивате најразлични вкусови за мачкање на леб или крекери. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко (колку има повисок процент на млечни масти, толку подобро и поквалитетно крем сирење се добива), 500 мл немасен кефир (јогурт), 1 јајце, 1 кафена лажичка лимонов сок, 1 кафена лажичка сол, 1 кафена лажичка шеќер.




ПОСТАПКА: Млекото истурете го во големо тенџере, ставете го на оган да се загрева но со постојано мешање. Пред моментот да зоврие додајте по една лажичка сол и шеќер. Исклучете го шпоретот.




Веднаш во топлото млеко додајте го кефирот (јогуртот) кој претходно отстојал на собна температура (не смее да биде директно изваден од фрижидер) и мешајте со голема лажица додека млекото да се засири и претвори во грутчиња.




Земете едно друго големо, празно тенџере и врз него поставете цедалка. Врз цедалката поставете чиста газа здиплена во неколку слоеви (најмалку три-четири слоја за да не ги пропушта ситните засирени делови од млекото).




Потоа полека и внимателно претурете го засиреното млеко преку газата. Ако ви полесно послужете се со кутлача, но можете и полека да истурате со подигнато тенџере. Повремено промешувајте ја смесата во газата за да може сурутката полесно да протече, но никако не смеете да ја притискате.




Ова е нешто подолг процес и можеби трае околу 15-тина минути поради бавното цедење при кое не смее да се притиска, туку само да се промешува. После 15 минути добиеното сирење-урда префрлете го во друг сад. Тоа ќе биде влажно, нежно и изедначено.




На страна пенасто изматете јајце со лимонов сок, па додајте го во исцеденото сирење. Потребно е добро да се измати со миксер додека да се добие хомогена, нежна и воздушеста крем смеса.




Приготвената смеса складирајте ја во соодветен сад и добро затворете, па оставете да отстои во фрижидер 12 часа. После ова време вашето крем сирење е готово и можете да го користите по желба.

Ако во готовото сирење додадете ситно сечкани перца од кромитче, лукче, магдонос, копар или некои други зачини, ова се прави на крајот од подготовката, пред да се остави во фрижидер, тогаш ќе добиете фантастичен намаз за свеж леб или тост. / usреsnazena.соm