Кога немате многу време, а сепак ви се јаде нешто слатко и освежително, ова е вистинскиот рецепт за вас. Толку едноставно се приготвува што и најнеискусните во кујна, ќе го направат од првпат.
Се приготвува од само три состојки, од која едната е сок. Во овој случај се користи еден литар сок од вишни, но вие може да употребите сок од портокал или боровинки или каков и да сакате по ваш вкус, купечки или домашен.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г шеќер, 1 литар сок или пет чаши од 200 мл (сокот може да биде од вишни, јагоди, боровинки, портокал…), 120 г пченкарен скроб (една шолја), а кој сака може и кокосово брашно за украсување.
ПОСТАПКА: Ставете го тенџерето на рингла, додајте пет чаши сок и полека загревајте. Потоа додајте пченкарен скроб и мешајте додека да се растопи. Додајте го и шеќерот, па продолжете со мешање.
Гответе на умерен оган со непрекинато мешање додека да добиете густа смеса како пудинг. Потоа смесата излејте ја во калапи со облик по ваша желба, претходно натопени во вода.
Доколку немате калапи, смесата можете да ја излеете во чаши обложени со проѕирна фолија или само натопени во вода. Може да полните и чаши или десертни садови со интересен облик.
Смесата оставете ја најпрво да се олади на собна температура, а потоа и во фрижидер за убаво да се стегне. Колачите вадете ги од калапот и валкајте ги во кокосово брашно или нешто по ваш избор.
Ова се омилените слатки на децата, но и на возрасните. Брзо се подготвува, а единствено нешто е што треба да почекате да се олади. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.