Според постапката, овие колачи ќе ве потсетат на „pycките шубари“, и двата се евтини и многу вкусни, но овој се разликува од шубарите: не се лепи како сендвич и наместо крем од млеко се користи шлаг и во средината од секоја купа се става парче банана.




Вакви колачи многу одамна имав пробано во некоја од нашите слаткарници и толку многу ми се допаднаа што оттогаш ми се останати во сеќавање. После долги години повторно го пробав колачов кај пријателка и ја убедував да ми ја каже слаткарницата од која го купила, наспроти нејзиното тврдење дека таа ги направила.




Го запишав рецептот иако сè уште со неверување дека колачите се домашни, но се осмелив и сама ги приготвив по повод роденден. Сите што ги пробаа беа воодушевени и оттогаш ги имам направена уште безброј пати. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 200 г шеќер, 1 прстофат сол, 125 мл растително масло, 125 мл млеко, 160 г брашно, 3 супени лажици какао во прав, 10 г прашок за печиво (1 кесичка), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г). ЗА КРЕМ: 400 мл слатка павлака 33%, 50-80 г шеќер во прав по вкус, ванилин шеќер и банани по потреба. За декорација: топено чоколадо и сечкани фстаци/ореви/лешници




ПОСТАПКА: Во длабок сад за матење скршете 4 јајца, додајрте прстофат сол и 200 г шеќер, па пенасто изматете со миксер додека шеќерот да се растопи и јајцата да згуснат и осветлат како крем. Во тенок млаз додајте по 125 мл масло и млеко додека непрекинато матите со миксерот.




Во изедначените течни состојки започнете постепено да ги додавате сувите, претходно просеани: 160 г брашно, 3 супени лажици какао во прав, 10 г прашок за печиво и 10 г ванилин шеќер. Мешавината од суви состојки најдобро е да ја додавате постепено, додека матите со миксерот.




На крај треба да добиете убава, пенливо-густа полутечна смеса. Излејте ја во плех 38х28 см обложен со хартија и печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20-25 минути. Печениот бисквит оставете да се подизлади, па отстранете ја хартијата. Додека се лади бисквитот пригответе го кремот:




Сите потребни состојки ставете ги во длабок сад и пенасто изматете со миксер додека да добиете шлаг.

Со модла или чаша сечете кругови од бисквитот, а остатокот што ќе остане изрендајте го за да добиете трошки. Неколку банани излупете и исечете тркалца со широчина од приближно 1 см.




Во средината од секое тркалце-колач ставете една лажичка крем, а врз него парче банана.

Околу заокружете со шлаг, а со помош на лажица или нож направете купола, а не заборавајте да ги премачкате и страните. Одозгора наросете трошки и со раката поминете за да се залепат добро за шлагот.




Вака подготвените колачи оставете ги малку во фрижидер да се стегнат, а потоа декорирајте ги со топено чоколадо, а одозгора наросете малку сечкани фстаци, лешници или ореви, по желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.