Кога ви се јаде нешто слатко, но не премногу слатко како што се шербетните колачи и десертите полни со путер, или пак, ви се најават гости кои биле во близина и за кратко време ќе стигнат, тогаш овој рецепт е вистинскиот избор.
За 5-6 минути сè ќе биде готово, зашто за приготвување ви се потребни само 3 главни состојки (бисквити, крем бананчиња и кисела павлака) и ганаш-глазура која се добива од 2 состојки: чоколадо и течна, слатка павлака. Секако, може да ставите и шлаг или нешто по ваш избор. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г плазма кекси или некои други бисквити по ваш избор, може и какао кекси, 10 крем бананчиња (може и јафа/ресана или желе бонбони), 700 г кисела павлака (20% мм). За глазура: 150 г бело чоколадо, 70-100 мл слатка павлака
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад со рака искршете ги бисквитите (можете да ги ставите во кеса и со оклагија или тежок предмет да поминете преку нив). Не е важно дали ќе бидат крупно или ситно искршени, зашто секако ќе омекнат, а и да останат покрупни парчиња ќе бидат декоративни при пресекот на тортата.
Крем бананчињата исечете ги на поситни парчиња, а наместо нив може да ставите свежи банани, субо овошје, желе бонбони, јафа или ресана кекси, да додадете и некоја рака ореви или други јатки и суво овошје. Ова е основната верзија и кој ја пробал, знае дека многу вкусно, а секој додаток е по личен избор.
Измешајте ги бисквитите и крем баначињата, па додајте цела кутија кисела павлака од 700 г со 20% млечни масти. Убаво промешајте со лажица за да се распоредат состојките рамномерно, па целата содржина истресете ја во обложен калап за торти со флексибилен обрач од 20 см или приближно.
Израмнете добро за да се пополнат сите празнини и малку потчукнете го калапот. Тортата оставете ја во фрижидер да се лади додека ја приготвувате глазурата. Загрејте ја слатката павлака во микробранова печка или на тивок оган.
Слатката павлака не смее да ви зоврие, туку само да се загрее. Прелијте ја преку ситно сечкано бело чоколадо и оставете 2-3 минути за да се згрее чоколадото и да почне да се растопува. Потоа промешајте да се изедначи, па прелијте ја тортата одозгора.
По желба можете да наросите рендано чоколадо, шарени трошки или мелени бисквити, а откако ќе отстои неколку часа во фрижидер, може да ја декорирате и со изматен шлаг. Ако се брзате и сакате што поскоро да ја послужите, оставете ја еден час во замрзнувач. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.