Овој колач ми е еден од омилените, особено често го подготвувам при крајот на летото, кога грозјето е најслатко за јадење. Рецептите на Драгана од „Направи сама-идеја за креативци“ ми се едни од омилените, особено кога станува збор за некое вкусно јадење.




Како што вели и таа самата, ако сакате нешто слатко и здраво, направете го овој колач со грозје кој се подготвува со брзина н светлината. Многу е сочен и одлично одговара со чаша чај или кафе. Еве што ви е потребно за да го подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 120 г путер/маргарин, 180 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 2 јајца, 1/2 кесичка прашок за печиво, 220 г брашно, прстофат сол, 1 јаболко, 130 мл млеко, 150 г бело грозје, 3 лажици ореви, плус неколку лажици кристал шеќер. Колачот се подготвува во калап со пречник од 25 см.




ПОСТАПКА: Најпрво грозјето убаво измијте го под млаз вода или оставете да отстои во сад со вода во која сте додале малку сода бикарбона. Јас користев бело грозје, но може да ставите и црно, убаво одговара, во секој случај. Грозјето исчистете го од семките, зрно по зрно или може да си купите грозје без семки. Севкупно, процесот на чистење ќе ви одземе околу 5 минути.




Тргнете го грозјето настрана, па врз даска за сечење иситнете 3 лажици ореви. Потоа, земете еден калап со пречник од 25 см, обложете го со хартија за печење и наросете го со неколку лажици шеќер. Јас тоа го направив со кафеав шеќер.




Растресете го шеќерот, за да се распореди рамномерно низ плехот. Истресете ги одозгора исечканите ореви, па веднаш потоа додајте го грозјето (цели зрна или на половина). Плехот ставете го настрана, а потоа изрендајте едно јаболко на покрупната страна од рендето.




Во еден сад измешајте 220 г брашно со прстофат сол и прашок за печиво. Нежно промешајте ја смесата, па во друг сад направете ја следната смеса: 120 г полурастопен путер на собна температура изматете го со 180 г бел или кафеав шеќер. Во смесата додајте и 1 кесичка ванилин шеќер.




Постепено започнете да додавате 2 јајца додека непрекинато матите со миксерот, па потоа додајте ги сувите состојки. Одозгора прелијте со 130 мл млеко на собна температура. Матете на најниска брзина додека да се формира еднолична смеса, без грутчиња. На крајот, во смесата се додаваат ренданите јаболка и нежно се промешува.




Вака подготвената смеса се излева во калапот каде што го наредивте грозјето, шеќерот и оревите и рамномерно се измазнува со шпатула. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути додека колачот одозгора да потемни во убава боја.

По печењето, колачот се остава малку да се олади, па потоа се превртува со грозјето да биде одозгора и на тој начин се послужува на коцки или триаголници. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.