Намирниците по желба може да ги менувате, а исто така и пригодите за кои ќе бидат наменети. Може да ги приготвувате за појадок, ручек, вечера, а може и за детски родендени. Рецептот е брз, едноставен а она што ќе го добиете е многу вкусно.




Сендвичите подеднакво се вкусни и кога се топли, но и кога се ладни, па можете да им ги приготвувате и ден однапред за да можат вашите деца да си ги понесат во училиште и да добијат вкусен оброк. Состојките можете да ги изберете по ваш вкус.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г ситно сечкана пилешка шунка/салама, 50 г ситно сечкан кромид и 50 г ситно сечкана црвена пиперка, една супена лажица масло. И уште: 100 г ситно сирење, 5 полни лажици брашно, 300 мл млеко, 3 јајца. Останато: кашкавал во ленти, парчиња тост-леб




ПОСТАПКА: во нелеплива тава со малку масло додајте ситно сечкана 100 г пилешка шунка (или нешто по ваш избор), 50 г ситно сечкан кромид и 50 г ситно сечкана црвена пиперка.




Пропржете ги состојките на тивок оган додека зеленчукот да омекне. Во посебен сад ставете 100 г ситно сирење кое се користи за пити и 5 полни супени лажици брашно, па промешајте за да се изедначат состојките.




Откако ќе го промешате сирењето со брашното и ќе се иситни добро, додајте 300 мл млеко. Промешајте за да се соединат состојките. Треба да се добие густа смеса слична на онаа за палачинки.




Откако добро ќе се соедини смесата, додајте три цели јајца, па заедно изматете ги со маталката. Во меѓувреме, испржената шунка со зеленчукот би требало да се излади, па додајте ја во смесата.




Во добиената мешавина додајте зачин по вкус, но не би требало да досолувате, бидејќи и сирењето е солено, но и сувомеснатото што ќе го употребите. Смесата за натопување на лепчињата е готова.




Подгответе еден плех во кој ќе ги печете сендвичите и обложете го со хартија. Парчињата леб пресечете ги на триаголници, а парчињата кашкавал превиткајте ги дијагонално, така да добиете триаголници.




Земете еден триаголник лепче, па убаво натопете го во смесата, така да зафати од сите состојки, па ставете го во обложениот плех. Врз него ставете еден триаголник кашкавал, па поклопете со друго натопено лепче. Постапката повторувајте ја додека да ви се потроши материјалот.




Јас овојпат употребив девет парчиња леб и исто толку кашкавал, но ми остана уште од смесата за натопување, што значи дека ако сакате, можете да направите и повеќе лепчиња.

Плехот со приготвените сендвичи ставете го во загреана рерна на 220 степени, па печете ги 25-30 минути. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.