Се приготвува многу брзо, а вкусот е извонреден.
Ова е основна количина, а вие ако сакате зголемете ги количините. Под рецептот има и видео од приготвувањето.
Потребни состојки: 1 кг тиква, 3-4 моркови поголеми и 1 литар вода. За сируп: 2 литри вода, 300-500 г шеќер или мед, 1 лимонтус, 1-2 лимони – сок. *По вкус екстракт од кајсија или ананас
Постапка: тиквата и морковите исечете ги на помали парчиња и ставете ги во тенџере со вода, да бидат прекриени.
За околу половина час варење тиквата е омекната, па може веднаш да се испасира со рачна пасирка или блендер. Кашата се остава настрана да излади.
За тоа време се приготвува сирупот: се ставаат шеќерот и водата на оган да се растопи шеќерот, па откако ќе зоврие се вари уште 2-3 минути. Потоа се трга од оган и се остава малку да подизлади.
Во сирупот се додава сок еден или два лимона (по вкус), еден лимонтус и по желба може да се додаде малку екстракт со вкус на некое овошје.
Изладената каша од тиква и морков процедете ја низ газа. Ако сакате покашест сок, тогаш доволно е само убаво да го изблендирате да нема грутчиња.
Во испасираната смеса додајте го сирупот со лимонов сок. Убаво промешајте и складирајте во претходно стерилизирани шишиња. Излегуваат околу 4-5 шишиња од 700 мл.