Отсекогаш бев фасцинирана од овие ситни колачи кои делуваат најраскошно на секоја трпеза. Кога најдав калапчиња за нив, не можам да ви опишам колку се израдував.
На мојата среќа и немаше крај! Па дури и си зедов две парчиња, второто да ми се најде…
Среќата траеше дур не го вклучив мозокот и сфатив дека тестото се пече во калапите, па требаше да докупам поголем број од нив.
Рецептот е многу лесен и едноставен, па ако имате вакви калапчиња не пропуштајте да ги направите, сите се воодушевуваат од нив. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 180 г путер, 100 г шеќер во прав, 100 г мелени ореви, 1 супена лажица какао во прав, 220 г меко брашно.
ЗА ОРЕВОВ КРЕМ: 100 г ореви, 1.5 капаче рум, 3 супени лажици мармалад од кајсии. ЗА ЖОЛТ КРЕМ: 2 жолчки, 3 кесички ванилин шеќер, 2-3 лажици остро брашно, 125 мл млеко, 80 г путер, 2-3 лажици ликер од орев (по вкус)
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г путер на собна температура, 60 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 100 г ореви, 100 г остро брашно, 100 г меко брашно, 1 лажица рум и 1 лажица какао. За крем: 2 јајца, 100 г шеќер, 150 г ореви, 150 г путер и 1 лажица рум
ПОСТАПКА за подготовка на тестото (рецепт 1): оставете го путерот да омекне на собна температура. Замесете ги сите состојки во компактно тесто кое лесно се обликува.
Кинете мали парчиња и втиснувајте ги во калапчињата. Тестото треба целосно да ја исполни вдлабнатината, но да не е испакнато.
Овие калапчиња не треба да се намастуваат. Наредете ги сите во големиот плех и ставете ги да се печат 20-тина минути во претходно загреана рерна на 180 степени.
Во текот на печењето тестото малку ќе го зголеми волуменот, но кога ќе се оладат, пак ќе спласнат.
Испечените половинки оревчиња оставете да се подизладат, па вадете ги со помош на мало остро ноже со кое треба само малку нежно да подбутнете од една страна, а тие многу лесно ќе излезат во едно парче.
Оставете ги да се оладат до крај. Излегуваат 80-тина половинки за 40 целосни оревчиња.
ЗА КРЕМ 1: помешајте ги мелените ореви, румот (наместо рум може да ставите сок од портокал) и мармелад. Добро промешајте, па со овој крем полнете ги оревчињата и склопувајте ги по две како сендвич.
ЗА КРЕМ 2: Со кујнска жица-маталка пенасто изматете ги жолчките со шеќерот и ванилин шеќерот, а потоа и со брашното. Млекото ставете го на оган да зоврие, па намалете ја температурата и додајте ја смесата со непрекинато мешање.
Варете на тивок оган додека да згусне. Кремот оставете го да олади, па потоа додајте му пенасто изматен путер и ликер од ореви кој на овој крем му дава фантастичен вкус. Изладете ги и сладете се во прекрасниот вкус.
Одберете кој крем повеќе ви се допаѓа, количините се соодветни и доволни за спојување на оваа количина, односно 40 оревчиња. Рецепт на „Супекемија“. Постапката за вториот рецепт прочитајте ја ОВДЕ.