Уште кога првпат ги пробав веднаш побарав рецепт, затоа што се многу вкусни и фантаcтично одговараат со некој солен намаз (но и сладок!), а особено со свежо сирење.
Пробајте, нема да се покаете… Како мерки користете чаша од 200 мл и шолја за кафе од 75 мл. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
1 чаша млеко,
1 сув квасец,
2 лажици шеќер во прав,
2 лажички сол,
2 јајца,
125 г путер или маргарин,
1 шолја за кафе масло и
6 чаши брашно.
За премачкување и наросување:
1 жолчка и
50 г сусам
ПОСТАПКА:
Вклучете ја рерната на 180 степени. Омекнете го путерот на собна температура. Во млако млеко растопете го квасецот и шеќерот во прав.
Потоа додајте ги сите останати состојки освен брашното и добро соединете ги со жица за матење. Како мерка користете стандардна чаша од 200 мл и шолја за кафе од 75 мл. Додавајте малку по малку од брашното, па замесете меко тесто.
Покријте го и оставете го да ферментира и да го удвои волуменот (околу половина час).
Кога тестото ќе стаса и убаво ќе го удвои волуменот, со раце кинете парчиња од тестото со големина по ваша желба, обликувајте ги во топчиња, а потоа сплоснете ги малку со дланката.
Погачиците редете ги во тепсија обложена со хартија и покријте ги со памучна крпа за уште еднаш да ферментираат и малку да пораснат.
Потоа одозгора премачкајте ги со разматена жолчка во која сте додале лажиче млеко или масло и наросете ги со доста сусам.
Печете ги додека малку да пожолтат, околу 20 минути или печењето прилагодете го на вашата рерна.
Овие погачици се јадат топли со било каков сирен намаз, џем или мармалад… Кога ќе изладат можете да ги загревате во микробранова печка, иако вкусни се да се јадат и ладни.