Наизглед погачата делува толку раскошно и декоративно, што си помислив дека јас, како неискусна со тесто, а особено со свечени погачи, немам шанси да ја направам. Сепак, рецептот на Снежа ме охрабри и се одлучив да ја испробам, зашто ветуваше едноставна и лесна постапка. Погачата е превкусна и навистина излегува според рецептот.
Вчера ја направив и целата ја изедовме, па денес повторно ја замесив и додека ви го пишувам ова, таа се пече во рерна и мириса примамливо. Нема да се покаете ако ја направите, штом успеав јас, ќе успеете и вие. На крајот од текстот можете да ја погледнете и видеопрезентацијата. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 25 г свеж квасец, 2 мали лажички шеќер, 250 мл топло млеко, 50 мл растително масло, 1 цело јајце, 1 белка, 550 г брашно (+ или – 20 г), 1 полна мала лажичка сол, 75 г путер омекнат на собна температура. За премачкување: 1 жолчка + 1 супена лажица млеко, за наросување сусам и мак
ПОСТАПКА: Во подлабок сад изронете го свежиот квасец, додајте шеќер и млако млеко, па убаво промешајте додека да се растворат состојките. Оставете на топло место 10-тина минути додека квасецот да се активира и запени. Потоа додајте 50 мл растително масло, едно цело јајце и белка, отстојани на собна температура.
Жолчката сочувајте ја за подоцна. Добро изматете ги сите влажни состојки додека убаво да се изедначат. Потоа започнете постепено да го додавате брашното помешано со солта. Мешајте со лажица или шпатула за да може постепено брашното да ја впие течноста. Кога ќе добиете компактно тесто, месењето завршете го со рака.
Треба да добиете средно меко и еластично тесто кое не се лепи за рака. Оставете го во садот, покријте го и оставете го на топло место да ферментира 40 минути или колку што му е потребно да го удвои волуменот. Потоа тестото поделете го на 4 еднакви делови и од секој дел обликувајте топче.
Секое од топчињата развлечете го во тенка кора со пречник од 24-25 см, па редете ги една врз друга. Првите три кори премачкјате ги со омекнат путер и редете ги една преку друга и секоја малку притиснете ја одозгора со дланките. Кога ќе ја поклопите и последната кора, убаво притиснете за да се рашири, па пресечете ја на шест ленти.
Земете ја првата лента од крајот која е најмала, фатете ја со прстите за двата краја и неколку пати спирално свртете ја како да цедите пешкир. Потоа свиткајте ја како полжав и поставете ја во средината од обложена тепсија со пречник 28 см. Земете ја другата лента од спротивниот крај, повторете ја постапката и поставете ја во продолжение, околу првата.
Постапката продолжете ја со сите останати ленти и надоврзувајте една на друга, како врена пита. Кога ќе завршите, покријте ја со крпа и оставете ја половина час по вторпат да ферментира и малку да го зголеми волуменот. Потоа премачкјате ја со разматена жолчка и наросете ја со семе. Печете ја во загреана рерна на 200 степени, 25-30 минути. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.