Едноставна кремаста торта, омилена за родендени…нејзиното височество – КАТАРИНА ТОРТА…Ова е омилената торта на мајка ми и задолжително ја приготвувам за нејзиниот роденден. Рецепт на Боби…Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
За кора 1: (мерки за една кора, испечете две вакви)
3 јајца
3 лажици шеќер
5 супени лажици мелени ореви
1 лажица брашно
1 лажица какао
Прелив: (доволно за двете кори)
2 лажици шеќер
150 мл вода
Кора 2:
5 белки
150 г шеќер
75 г сечкани бадеми
75 гр сечкани ореви
30 г суво грозје
30 г брусница
2 лажици брашно
Фил:
5 жолчки
4 јајца
8 лажици шеќер
250 г путер
арома од ванила
За декорација:
200 мл слатка павлака изматена во шлаг
ПОСТАПКА:
1.Кора 1 и 3: одделете ги белките од жолчките. Белките изматете ги со миксер додека да добиете цврст снег. Постепено додавајте го шеќерот и матете додека да се растопи, а потоа жолчките, една по една.
Намалете го миксерот на најмала брзина и полека, лажица по лажица додавајте брашно, ореви и какао.
2.Истурете го тестото во калап кој претходно сте го намастиле и посипале со брашно. Јас печев во калап за торти со флексибилен обрач, пречник 28 см.
Печете ја кората во загреана рерна на 180 степени додека малку да се одвои од работ на калапот (проверете со чепкалка).
3.Потребни ви се две вакви кори. Пред филувањето, овие кори треба да ги натопите ги со прелив.
За прелив: соединете ги шеќерот и водата, ставете на шпорет малку да зоврие. Доволно е да се стопи шеќерот. Оваа количина е доволна за да ги прелиете двете кори.
4.Кора 2: белките убаво изматете ги во цврст снег. Постепено додајте го шеќерот и продолжете со матење додека да се растопи а снегот стане уште поцврст. Во посебен сад измешајте ги бадемите, оревите, сувото грозје, брусницата и брашното.
По желба можете претходно да го оставите сувото грозје да отстои во рум.
Таа смеса полека додајте ја во белките. Намалете го миксерот на минимум или исклучете го, а потоа нежно измешајте со лажица. Внимавајте белките да не „паднат“.
5.Распоредете ја смесата во калап претходно намастен и набрашнет. Печете во рерна загреана на 150 степени. Оваа кора треба темелно да се исуши. За да ја испечете ќе ви треба малку подолго од првата кора.
6.Фил: со миксер изматете ги целите јајца, жолчките и шеќерот. Кога ќе згусне, сварете го кремот на пареа.
Кога ќе се свари филот оставете го да се излади. Во ладниот фил додајте го изматениот путер, кој убаво омекнал на собна температура.
Во филот додадете арома од ванила.
7.ФИЛУВАЊЕ: кора 1 – фил – кора 2 – фил – кора 3 – фил. Не заборавајте да ги натопите корите 1 и 3 со преливот. Украсете со изматена слатка павлака или шлаг.