Ова е еден од оние едноставните колачи со неодолив вкус, кој често се прави поради лесната подготовка. Во нашето семејство на пример, речиси секоја недела се правеше и си имавме секојпат да се заблажиме после ручек или за пријателките на мајка ми кога ќе дојдеа на кафе.
Го правеше баба ми, потоа мајка ми, а денес го правам и јас. Не е дека станува збор за некој посебен семеен традиционален колач, зашто истиот го правеа и мајките на другите деца и ме послужуваа со него кога одев кај нив на гости, туку посебен е поради неговата сочност, вкус и едноставност. Одамна го немав приготвено, но налетав на презентацијата на Том Филос, па повторно го направив. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 4 јајца, 1 чаша шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 чаша масло, 1 чаша млеко, 1 чаша мелени ореви, 2 чаши гриз, 1 чаша брашно. ЗА СИРУП: 250 г шеќер, 300 мл вода и неколку тркалца од лимон. ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо + 2 лажици млеко + 2 лажици масло
ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го сирупот за да има време да се олади. Во тенџере на оган ставете ги шеќерот, водата и тркалцата од лимон, па промешајте и од моментот на зовривање оставете да се вари 5 минути. Тргнете го настрана и пригответе го калапот.
Со малку масло намастете го калапот со димензии 28х28 см (на дното и страните). Во подлабок сад скршете четири јајца, додајте една чаша шеќер и пенасто изматете со миксер додека смесата да згусне и побели.
Некаде при крајот од матењето додајте и една кесичка ванилин шеќер. Матете вкупно 5-8 минути, односно додека шеќерот целосно да се растопи. Потоа намалете ја брзината на миксерот, па додајте една кесичка прашок за печиво.
Во тенок млаз додајте една чаша масло додека непрекинато матите, а на ист начин додајте и една чаша млеко. Откако ќе се соединат течните состојки додајте ги и преостанатите суви состојки: една чаша мелени ореви и две чаши гриз.
Најпосле додајте една чаша брашно. Уште малку изматете со миксерот додека да се изедначи смесата и да нема грутчиња. Тестото излејте го во подготвениот калап, рамномерно распоредете, израмнете и протресете.
Колачот ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени, 40 минути. Кога е печен извадете го од рерна, оставете го неколку минути, па полека залијте го со оладениот сируп. Одозгора прелијте го со мешавина од растопено чоколадо, млеко и масло, распоредете рамномерно и наросете мелени ореви. Оставете целосно да се олади пред сечењето. Деталите погледнете ги ОВДЕ.