Во оригиналниот рецепт уштипците се полнат со месо, но бидејќи тестото е посно, се замесува само со вода, квасец и брашно, доколку ги сакате во целосно посна варијанта, тогаш можете да ги филувате со пржен праз, рендан морков или компир, кромид, ајвар или нешто по ваш вкус. Рецептот ни доаѓа од Русинката Калнина.
Ова е доста попyлаpeн рецепт во Русија, бидејќи печивата се извонредно вкусни. Постапката за приготвување е релативно едноствна, бидејќи набрзина се замесува меко тесто и се остава да стаса, а месото воопшто не се запржува туку веднаш се зачинува и се меша со сечкан кромид.
Меѓутоа, Калнина потоа користи специјален сад во кој печивата откако ќе се испржат, термички ги доготвува на пареа. Овој чекор може да се прескокне и филот со мелено месо претходно да се пропржи и зготви. Доколку имате специјален сад за готвење на пареа, тогаш следете го рецептот на Калнина. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 300 мл млака вода, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 4 лажици масло, 25 г сув квасец (или половина коцка свеж квасец), 480 г брашно. ЗА ФИЛ: 350 г мелено месо, 2-3 помали главици громид, 1/2 лажичка сол, 1/2 лажичка црвен пипер, малку црн пипер, 30-50 мл вода, 3-4 лажици масло.
ПОСТАПКА: Во топла вода разматете го квасецот заедно со шеќерот и малку брашно, па оставете на страна 10-тина минути додека да се активира и запени. Потоа додајте му го маслото и просеаното брашно со сол.
Брашното додавајте го постепено и на почетокот мешајте со лажица или шпатула, а потоа со рака. Ќе добиете меко тесто кое малку се лепи за рака. Оставете го во садот и покријте го со проѕирна фолија.
Вака треба да одмора приближно околу два часа. За тоа време пригответе го филот. Доколку имате сад за готвење на пареа, тогаш следете го рецептот на Калнина од видеото.
Во спротивно, исечкајте го кромидот, запржете го на малку масло, а потоа додајте го меленото месо и динстајте додека да се зготви и испари течноста. Зачинете по вкус и оставете да се олади.
Наместо месо може да користите фил од мешавина рендано сирење и кашкавал, мешавина од претходно пропржен рендан морков и рендан кашкавал, рендан компир пропржен и издинстан со сол и црн пипер, динстана сечкана кисела или слатка зелка, а по желба, може да користите дури и сладок фил како џем, крем, рендани јаболка, пире од тиква и слично.
Стасаното тесто истресете го врз малку набрашнета работна површина, нежно премесете го и поделете го на 16 еднакви делови. Од секој дел формирајте топче. Потоа секое топче сплескајте го со дланка или со помош на оглагија формирајте средно тенка тркалезна кора со големина на дланка.
Во средината од секоја ставете една лажица фил и внимателно затворете, опфатувајќи ги краевите со помош на прстите формирајќи набори. Добро затворете го топчето за да не истекува филот во текот на пржењето.
Формираните топчиња оставете ги 15-тина минути да одморат, а потоа пржете ги по неколку минути од двете страни во умерено загреано масло. Вадете ги врз чинија обложена со хартија. Ако ги сакате однадвор крцкави, тогаш оставете ги така, а доколку сакате дополнително да ги омекнете, тогаш завиткајте ги во алуминиумска фолија.
Доколку користите сад за готвење на пареа, тогаш испржените уштипци наредете ги во еден ред во садот и гответе ги на пареа уште 40 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.