ДВОБОЈНИ ПРИНЦЕС КРОФНИ: Вистинско задоволство за очи и душа, готови за кратко време. Рецепт на Бојана од каналот Бокина Кујна. Нема кој не ги сака принцес крофните, а уште од детството ни беа омилени на мене и брат ми.




Се подготвуваат многу едноставно и лесно, а овојпат ги правам со двобоен фил: чоколаден и бел. Крофните се вистински квалитет кој се топи во уста, не знам со кој друг збор да ги наречам.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл масло, 400 мл вода, прстофат сол, 12 полни супени лажици брашно тип 400, 6 цели јајца. За фил: 6 жолчки, 800 мл млеко, 6 лажици шеќер, 2 ќесички ванилин шеќер, 9 полни супени лажици брашно тип 400.




Други потребни состојки: 250 г маргарин / масло, 100 мл цврсто изматена слатка павлака, 100 г растопено црно чоколадо, 100 г растопено бело чоколадо, шеќер во прав за наросување или чоколаден прелив по желба.




ПОСТАПКА: Во тенџере на рингла ставете 400 мл вода и 200 мл масло со прстофат сол, малку промешајте па оставете да зоврие. По зовривање додајте 12 полни супени лажици брашно, по можност тип 400 и добро измешајте за да не се формираат грутки.




Оставете ја смесата настрана да се излади, да биде млака, па додавајте едно по едно јајце, додека постојано матите со миксерот. Кога ќе го изматите едното јајце, додавате друго и така шестпати.




Подготовка на филот: За подготовка на филот ви се потребни 800 мл млеко кои е потребно да ги поделите на 2 дела. Едната половина ставете ја во тенџере на рингла и додајте 6 лажици шеќер и 2 ќесички ванилин шеќер, малку промешајте и оставете да зоврие.




Другата половина млеко измешајте ја со 6 жолчки и добро изматете со рачна маталка (жица). Во оваа смеса се додава 9 полни лажици брашно, а оваа смеса најдобро е да се измати со миксер за да не се појават грутки.




Во провриеното млеко, со постојано мешање се додава смесата со другата половина млеко и оваа смеса се готви на средна температура додека да се згусне, слично на пудинг. Смесата се трга од рингла и се остава настрана целосно да се излади.




Во меѓувреме се печат крофните. Во тепсија ставете хартија за печење, а смесата за кора префрлете ја во готварски шприц или правете кружни форми со кафена лажичка. Големината на крофните останува на вас, може да ги правите поголеми или помали.




Крофните печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 35 минути. Важно е да запомните, додека крофните се печат, немојте никако да ја отворате вратичката од рерната бидејќи ќе се спласнат.

Во изладениот фил, додајте 250 г маргарин или масло и изматете со миксер, а потоа настрана изматете ја цврсто слатката павлака. Слатката павлака се соединува со филот и повторно се мати со миксер до соединување.

Изматениот фил се дели на два еднакви дела, а во меѓувреме посебно растопете 100 г црно и 100 г бело чоколадо. Во едниот фил се додава чоколадниот крем, а во другиот фил се додава белиот крем и добро се промешува.

Изладените крофни пресечете ги надолжно на половина, односно да изгледаат како кошничка со капаче. Најпрво исполнете ги крофните со белиот фил, а одозгора додајте го црниот чоколаден фил.

Затворете ги со пресечениот помал ден, а одозгора декорирајте ги со шеќер во прав или со чоколаден фил. Јас ставив малку растопено црно чоколадо со цврсто изматена павлака.

Крофните се најубави доколку отстојат најмалку 1 ден, пред да се послужат, кога целосно ќе се оладат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.