Мека и воздушна погача: Едноставен рецепт за совршен резултат
Овој рецепт е идеален за сите што сакаат брзо и лесно да подготват мека и вкусна погача, кој секогаш успева.
Со едноставни состојки и интересен начин на обликување, оваа погача ќе биде вистинско уживање за вашето семејство или гости.
Подготвена за кратко време, таа е совршена за секоја пригода, а нејзината мека и воздушна текстура ќе ги воодушеви сите, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки
– 1 лажица шеќер
– 500 мл млака вода
– 30 г свеж квасец или 8 г сув квасец
– 800 г меко брашно
– 1 лажица сол
– 70 мл масло (50 мл + 20 мл)
– 50-70 г путер или маргарин
За премачкување: посен мајонез за посна верзија, а за мрсна:
– 1 јајце +
– 1 лажица млеко
– сусам, мак, чиа или ленено семе (по желба, за декорација)
– НМД

Постапка
1. Во помал сад иситнете 30 г свеж квасец или сипете 8 г сув квасец. Додајте 1 лажица шеќер и 1 лажица меко брашно, па прелијте со 150-200 мл млака вода.
Промешајте добро и оставете ја смесата да отстои 10 минути за да се активира квасецот.
2. Во меѓувреме, во поголем сад измерете 800 г меко брашно, додајте 1 лажица сол и промешајте. Додајте го остатокот од млаката вода (околу 300-350 мл) и 50 мл масло, а потоа вметнете го активираниот квасец.
3. Започнете со мешање на смесата со лажица, а потоа продолжете со месење со раце. Тестото ќе биде малку лепливо поради високата содржина на течност.
Додајте 20 мл масло, намачкајте ги рацете и продолжете со месење околу 1 минута додека маслото да се инкорпорира во тестото.
4. Покријте го тестото и оставете го да отстои 60 минути на топло место за да нарасне.
5. По нарасувањето, префрлете го тестото на површина посипана со брашно. Лесно премесете го и одвојте мал дел од тестото за подоцнежна декорација (со големина на пинг-понг топче).
Останатото тесто поделете го на три дела, при што секој следен дел треба да биде малку поголем од претходниот: најголем, среден и најмал.
6. Од секој дел обликувајте топка. Првиот дел развлечете го во круг со пречник од околу 40 см, посипете го со малку брашно и преклопете го за да не се залепи.
Повторете го истиот процес со вториот дел, развлекувајќи го во круг од 30-35 см, и со третиот дел, во круг од 25-30 см.
7. На плех обложен со хартија за печење, нацртајте круг со пречник од 28-30 см за полесна ориентација. Поставете го најголемиот круг тесто, кој треба да излегува надвор од нацртаниот круг. Развлечете го уште малку ако е потребно.
8. Омекнете 50-70 г путер или маргарин и премачкајте ја површината на првиот круг тесто.
Потоа поставете го средниот круг тесто, притиснете го лесно за да се залепи и премачкајте го со путер. На крај, поставете го најмалиот круг тесто и премачкајте го со остатокот од путерот.
9. Поставете чаша во центарот на тестото и започнете со сечење како што е прикажано во видеото: Направете по 2 линии од сите 4 страни.
Прво свиткајте 4 кифлички, од правите ленти, сѐ до чашата, која сега можете да ја тргнете.
10. Од малиот дел тесто што го одвоивте, направете топче и поставете го во центарот на погачата.
Останатите триаглести делови свиткајте ги во облик на кифлички и подредете ги надоврзувајќи се на претходните.
Продолжете со постапката и со вториот, и третиот слој, додека да се обликува целата погача. Последните делови од третиот слој, ако ви се големи, можете да ги пресечете на половина, за помали кифлички.
11. Покријте ја погачата и оставете ја да отстои 20-30 минути за да нарасне. Во меѓувреме, загрејте ја рерната на 200°C.
12. Во сад измешајте 1 жолчка со 1 лажица млеко и премачкајте ја погачата (овој чекор прескокнете ако правите посна погача). По желба, посипете го централниот дел со мак, чиа или ленено семе, а надворешните делови со сусам.
13. Печете ја погачата 25-30 минути на 200°C. По печењето, додека е сè уште топла, премачкајте ја со малку путер за дополнителен сјај и мекост.
14. Послужете ја погачата топла или оставете ја да се излади. Идеална е за консумација истиот ден, но може да се послужи и следниот ден.
Оваа погача е совршен спој на едноставност и вкус, а нејзиното уникатно обликување ќе додаде посебен шарм на вашата трпеза. Уживајте! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































