Направете го овој странски специјалитет во домашна варијанта!

Ова не е рецепт за гиро-пита, туку за порција која се сервира во кафаните. Меѓутоа, доколку сакате, можете да ги купите тортиљите во свежа или смрзната состојба, или пак сами да си ги приготвите според рецептот за лудо тесто или според рецептот кој можете да го најдете на крајот од текстот.

Гиро за две лица: 400 г свинско месо, малку помасно (побарајте од месарот да ви го исечка на тенки шницли, за полесно приготвување), 500 г помфрит (ако го сакате во поздрава варијанта, испечете го во рерна на хартија за печење), 1 поголема главица црвен кромид

Потоа, 2 лажици лимонов сок, 2 лажици маслиново масло, 2 лажици зачин за гиро (ако не можете да го купите, на крајот од рецептот ќе ги прочитате состојките за мешавината). Уште ќе ви биде потребно: сенф, шарен пипер, зеленчуков зачин, како и грил-тава за месо

Приготвувањето е лесно, иако навидум ви се чини дека е комплицирано: 1.Свинските шницли исечете ги најпрво на долги ленти, па потоа пресечете ги со должина на секое парче по 1 см.

2.Во садот со месото додадете зеленчуков зачин (околу 2 лажички), прстофат пипер, 2 лажички сенф, 2 големи лажици лимонов сок, 2 лажици мешавина од зачинот за гиро и на крајот 2 лажици маслиново масло.

3.Со раце измешајте ги состојките убаво за да се впијат во месото, па оставете во фрижидер, два часа да остои во маринадата. 4.Намастете ја грил-тавата со една лажица маслиново масло, па кого добро ќе се загрее, истурете го месото да се пржи.

5.Истовремено приготвувајте го и помфритот. 6.Кога од тавата ќе испари маринадата, додадете уште малку маслиново масло и мешајте додека да добие златно-кафеава боја, односно, додека да се испече убаво. 7.Во меѓувреме, подгответе две чинии.

Преполовете ја главицата кромид и исечете на тенки ленти. Со секоја од кромидовата половина, прекријте по половина од чиниите. Преку кромидот размачкајте сенф (количината зависи од вкусот) а одозгора истурете го приготвеното месо. На другата половина од чинијата сервирајте го помфритот, и неколку парчиња исечкан домат. 8.Посолете со сол и зачинот за гиро.

Послужете топло, а ако навистина сакате да уживате-јадете со прсти : – )
Вкусот е ист како од било кое гиро кое ќе ви го послужат во таверна со карирани чаршавчиња на масите, покрај море.
Уживајте!

ЗАЧИН ЗА ГИРО-Состојки: (Поголемиот дел од состојките можете да ги пронајдете во продавниците за здрава храна, а се подразбира дека наведените количини се однесуваат на сушени и иситнети или мелени зачини).

2 лажички оригано, 2 лажички тимијан, 2 лажички коријандер, 2 лажички лук во прав, 2 лажички магдонос, 2 лажички ким во прав, 2 лажички лута толчена пиперка (ако не сакате луто, може и слатка), 2 лажички чили во прав и 1 лажичка цимет. Мешавината чувајте ја како и сите останати зачини- затворена во стаклена тегла.

РЕЦЕПТ ЗА ГИРО-ПИТА (ТОРТИЉА) – Како и за секое кисело тесто: Една чаша млака вода (околу 300 мл) ја истурате во еден поголем сад, па додавате ½ коцка свеж квасец, лажичка шеќер, ½ лажичка сол и 2-3 лажички брашно. Измешајте.

Кога квасецот ќе надојде, додадете брашно за месење, па измесете меко тесто како за крофни. Оставете половина час на топло место. Размесете и поделете на топчиња со приближно иста величина, развијте ги да бидат тркалезни, со величина на рингла од шпорет.

Така обликуваните тортиљи ставете ги на врела рингла (не премногу, на 60 степени или на 1,5) и поклопете со капак или шерпа додека се печат. Кога едната страна ќе порумени, свртете го тестото да се испече и на другата страна. Се надевам дека ќе уживате и дека ќе ни ги пренесете своите впечатоци.