Рецептот за овој освежителен вкус ни го откри нашата драга членка Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Рецептот е многу лесен едноставен. Потребно е лимоните да ги сомелете и соединете со шеќерот.
Потребни состојки: 1 кг лимони, 2 кесички лимонтус, 3 литри вода, 4 кг шеќер и газа за процедување на сокот и машина за мелење на лимоните. Во некои рецепти лимоните претходно се замрзнуваат, па се рендаат, но доколку имате добра машина за мелење, можете веднаш да ги иситнете.
Постапка: Доколку лимоните не ви се органски, туку купечки, најпрво попарете ги со врела вода и наросете ги со малку сода бикарбона. Оставете ги вака 10 до 15 минути, па истријте ги и измијте ги под млаз ладна вода.
Потоа пресечете ги на половина, отстранете им ги семките, па заедно со кората сомелете ги во машина за ајвар. Мелените лимони веднаш ставајте ги во длабоко тенџере. Додадете им две кесички лимонтус и три литари вода. Промешајте и тенџерето поклопете го со капак. Вака оставете да преноќи 24 часа. Следниот ден смесата процедете ја низ газа или ситна цедалка.
Во сирупот додадете четири килограми шеќер, па тенџерето вратете го на умерен оган и мешајте додека да се растопи шеќерот. Сирупот потребно е да се вари околу 15 до 20 минути додека да проврие. Шишињата стерилизирајте ги и загрејте ги во рерна (загрејте ги на температура не повисока од 100 степени, некаде околу 60-100 степени).
Во топлите шишиња се складира топлиот сируп и веднаш се затвора со нови метални капачиња. Шишињата завиткајте ги во крпи и оставете ги така да се оладат. По отворање на шишето, сирупот е потребно да се чува во фрижидер.
Би можело да ве интересира и следниот рецепт за приготвување на домашен сок од лимон и портокал, на растворање, пастеризиран, без конзерванси – Од оваа количина излегуваат 12 литри сируп на растворување. Не содржи конзерванси, вештачки бои, адитиви, вештачки вкусови и други разни хемикалии, но содржи шеќер, инаку не би бил сируп.
Во рецептот може да користите обичен или интегрален шеќер, а количината да ја менувате според ваш вкус. Сокот се раствора исто така, според вкус, некој го сака поразреден со повеќе вода, а некој го сака погуст. Овошјето може да го излупите за сладок и освежителен вкус, а за посилен и малку погорчлив вкус, сомелете го заедно со кората.
Потребни состојки: 2 кг портокали, 5-6 крупни лимони (а може наместо лимони да ставите и лимонтуси), 5-6 кг шеќер или по вкус и 10 литри вода. Постапка: За посилен вкус со малку “битер” или горчлива нота, се користи нелупено овошје. За посладок вкус овошјето излупете го.
Ако го приготвувате со кора, тогаш најдобро е да се користи домашно овошје кое не е прскано, но бидејќи не може секој да си го дозволи, купечкото најпрво добро измијте го добро со ладна вода, а потоа истретирајте го со раствор од сода бикарбона и оцет.
Доколку го подготвувате без кора – Овошјето излупете го и испасирајте го кратко во сечко, блендер или на машина за мелење, па префрлете го во подлабок сад и прелијте го со 10 литри вода. Поклопете го и оставете го да отстои 24 часа со повремено мешање.
После 24 часа сокот процедете го, убаво исцедете ја пулпата и остатоците од овошјето низ газа или цедалка. Додадете го шеќерот, а потоа испробајте го (малку сок растворете во една чаша за да видите дали ви е потребно уште лимон или шеќер, па по желба исцедете уште малку лимон или додадете лимонтус).
Шеќерот релативно брзо се раствора, па сокот складирајте го во стаклени шишиња, претходно стерилизирани и веднаш затворајте го со метални капаци. Големиот плех ставете го на најниската полица во рерната, па во ладна рерна наредете ги шишињата, да не се допираат.
Тајмерот вклучете го на 90 минути, а рерната на 90 степени (класичен програм, горен и долен грејач). После 90 минути рерната исклучете ја и не ја отворајте додека шишињата целосно да изладат. Најдобро е ова да го направите попладне или навечер, па да ги оставите шишињата до следниот ден. На овој начин ќе го пастеризирате сокот и така може да има долг рок на траење.