Фото и рецепт: Тинина Кујна – Домашен локум со ореви
Ова е еден старински рецепт за приготвување на локум, слатка која вообичаено се приготвувала на нашите простори и со која гостите се послужувале заедно со чаша вода. Се приготвува многу едноставно, со само неколку состојки.
Потребни состојки: 300 мл вода, 800 г шеќер, ½ лимон – сок, 150 г густин/нишесте, 600 мл вода, 1 лажица екстракт од ванила, 50 г ситно сечкани ореви, шеќер во прав и густин за валкање
Постапка: Во едно тенџере ставете 300 мл вода и 800 г кристален шеќер. Загрејте ја додека шеќерот да се растопи, а потоа додадете сок од половина лимон. Варете уште 10 минути – ова е шеќерниот сируп.
Во друг сад ставете 150 г густин и 600 мл вода. Оваа смеса промешајте ја со лажица, се додека да се растопи густинот, па потоа варете на умерена температура додека да се добие густа смеса.
Во оваа густа смеса додадете го шеќерниот сируп, промешајте и варете уште 40 минути, се додека да се згусне смесата и да почне да се одвојува од дното на тенџерето.
Пред крајот на варењето додадете лажица екстракт од ванила и 50 г ситно сечкани ореви. Варената смеса излејте ја во сад претходно намастен со масло и оставете да излади.
Врз работна површина наросете обилно шеќер во прав, па превртете ја смесата. Сечете коцки и секоја коцка валкајте ја во мешавина од густин и шеќер во прав.
Фото и рецепт: Тинина Кујна – Домашен локум со ореви