За Велигден традиционално се подготвува слатка погача сплетена како плетенка, а во различни краишта се нарекува различно: козињак, козунак, милиброд или едноставно, велигденска погача.

Особено голем труд домаќинките вложуваат во изработката на тестото кое кога ќе се испече треба да биде меко и да се двои на конци. Оваа година пригответе козињак според рецептот на Дијана Талевски кој го одвоивме како еден од најдобрите досега. Еве што ви е потребно:

Рецепт и фото: Дијана Талевски




Рецепт и фото: Дијана Талевски

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 250 мл, млекото и шеќерот се полнат до горниот дел на рачката, а маслото малку помалку): 2 коцки свеж квасец (80 г) и за негово активирање: 1 чаша млеко, 3 супени лажици шеќер и малку брашно за да се добие кашеста смеса.

ЗА ТЕСТО: 2 кг брашно, 2 чаши млеко, 2 чаши шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 чаша масло, 1 прстофат сол, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 4 јајца, 100-200 г суво бело грозје, рендана кора од 1 лимон и по желба малку махлеб. *Може да се стави сечкан локум, фил од ореви, мак или мармалад

За премачкување пред печење: 1 жолчка и 2 супени лажици млеко. За премачкување пред самиот крај: неколку лажици шеќер, малку вода за да се раствори шеќерот, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г). За премачкување после печење: малку маргарин или путер

Рецепт и фото: Дијана Талевски




Рецепт и фото: Дијана Талевски

ПОСТАПКА: Двете чаши млеко заедно со двете чаши шеќер и ванилиниот шеќер ставете ги во тенџере на оган да зоврие (колку да се растопи шеќерот). Потоа тргнете го настрана и оставете да подизлади, да стане топло или млако, таман за месење.

Ова се прави најпрво, пред да се активира квасецот, за да има време за оладување. Квасецот можете да го активирате дирекно во брашното (во средина направете вдлабнување) или во посебен сад.

Рецепт и фото: Дијана Талевски




Во посебен сад: изронете две коцки свеж квасец, додајте една чаша топло/млако млеко, 3 супени лажици шеќер и неколку лажици брашно, па промешајте да нема грутчиња, а да добиете кашеста смеса како за палачинки. Покријте го садот и оставете го на топло место 10-тина минути или додека да се активира квасецот и да запени.




Во поголем, подлабок сад просејте го брашното, а во средината направете вдлабнување како бунарче, па тука додајте го активираниот квасец, маслото, јајцата (претходно отстојани на собна температура и разматени со виљушка), прашокот за печиво, прстофат сол и зачин-махлеб (по желба).

Замесете меко тесто со топлото млеко во кое претходно го растворивте шеќерот. Млекото не смее да биде многу топло, зашто козињакот ќе добие темна боја (маслото при повисока температура дава темна нијанса на тестото).




Се меси подолго време за да може убаво да се изедначи и да стане сјајно и да се одделува од рацете и ѕидовите на садот. Истресете го врз работна површина и тука убаво доработете го за да добие еластичност.

Покријте го со намастена кеса или проѕирна-стреч фолија (одозгора и кујнска крпа), па оставете го да ферментира на топло место додека да го удвои волуменот. На кисело-слатките теста секогаш им е потребно повеќе време за ферментација, односно стасувањето е побавно од вообичаено.




Рецепт и фото: Дијана Талевски

Стасаното тесто не треба многу да се размесува за да се обликуваат плетенките, туку едноставно расплескајте го со намастени дланки врз намастена површина и отворете го како кора. Одозгора наросете ситно рендана кора од лимон и суво грозје (претходно попарено за да омекне и исцедено, па исушено со крпа), па поделете го на 4 дела.

Од секој дел обликувајте по три топчиња, направете валјачиња и исплетете плетенка на вообичаен начин. Не треба да се „гмечи“ тестото, туку нежно со рацете да се развлекува и обликува.

Рецепт и фото: Дијана Талевски




Рецепт и фото: Дијана Талевски

По желба може да се ставаат филови: сечкан локум, мармалад, фил од мелени ореви или фил од мак. Обликуваните плетенки редете ги во намастен сад (или обложен со хартија за печење) и одозгора покријте ги повторно и оставете ги да стасуваат 30-60 минути, во зависност од топлината на просторијата, односно, додека убаво да го зголемат волуменот.

Рецепт и фото: Дијана Талевски




Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени и пред самото печење премачкјате ги плетенките со изматена жолчка во која сте додале малку млеко. Печете ги 10-тина минути на 200 степени додека да заруменат (козињакот да добие убава боја), па потоа покријте ги со алуминиумска фолија и намалете ја температурата на 160 степени.

Рецепт и фото: Дијана Талевски

Вкупното времетраење на печењето зависи од вашата рерна, приближно 1 час и 10-15-тина минути. На 7-10 минути пред крајот од печењето тргнете ја фолијата и премачкјате го козињакот со шербетот (сварен сируп од шеќер и вода колку да го прекрие шеќерот со ванилата), па вратете да се допече. Од сирупот ќе добијат убав сјај.

Рецепт и фото: Дијана Талевски

Кога ќе се испечат плетенките и ќе ги извадите од рерна, веднаш додека сè уште се врели премачкјате ги со путер или маргарин и покријте ги со памучна крпа, а одозгора со најлонска кеса. Вака оставете ги да отстојат 10-15 минути во плехот, а потоа извадете ги така завиткани до целосно изладување. На здравје и за многу години да ни биде Велигден! Рецепт и фотографии на Дијана Талевски.