Ако сте љубител на деликатесни сирења и кашкавали како мене, направете го рецептот на Рада Врбљанац која неодамна го објави рецептот за домашен кашкавал. Го испробав и на сите дома многу ни се допадна.
Оттогаш го приготвувам многу често, а сите гости што го пробале беа многу воодушевени. Во кашкавалот ставам сечкани перца од млад кромид, лута пиперка, а некогаш експериментирам и со некои зачински билки. Секојпат излегува одлично и многу вкусно.
Важно е да набавите полномасно млеко со 2,8% млечна масленост, а ако се снабдите со домашно млеко, уште подобро. Секако, овој кашкавал може да се приготви со купечко млеко. Овој кашкавал е превкусен, вистински деликатес.
Нема никакви конзерванси, вештачки бои и вкусови, па затоа рокот му е околу 3-4 дена чуван во фрижидер, но никогаш не останува толку, бидејќи веднаш го изедуваме. Ова е деликатес, не е рецепт за оригинален кашкавал, туку адаприран, па затоа се додаваат јајца за да добие убава боја и да добие на масленост. Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 литри млеко (2,8% млечна масленост), 6 јајца, 400 мл кисела павлака, 1 зелена лута пиперка, перца од млад кромид, 2 лажички сол. И УШТЕ: двојна газа, пластичен сад-цедалка, тежок предмет-потисок
ПОСТАПКА: Млекото се става во тенџере на оган. Во посебен сад се матат 6 цели јајца 8-10 минути додека да станат кремасти и да згуснат, па се додава 400 мл кисела павлака и се соединува. Оваа смеса во тенок млаз се додава во зовриеното млеко со непрекинато мешање.
Убаво се вари со постојано мешање додека сирењето да започне да се одвојува од сурутката (ова трае околу 5 минути). Потоа тргнете го од оган и истурете го во цедалка со газа, на која ќе остане сирењето, а сурутката ќе се исцеди во садот под него.
Додајте една зелена лута пиперка исечена на ситни тркалца, перца од млад кромид ситно исечкани и 2 лажички сол. Ова додајте го во сирењето, добро промешајте и заедно со газа ставете го во пластичен сад со дупнато дно, за да може да продолжи да се исцедува.
Одозгора притиснете со тежок предмет. Сирењето се остава вака да стои околу 2 часа за да излезе целата течност. Потоа се трга газата и се остава во фрижидер, уште повеќе да се стегне и добро да излади. Рецепт и фотографии на Рада Врбљанац.