Овие долганвести уштипци се лесни за подготовка и секој може да ги направи, бидејќи тестото не мора да го месите, само соединете ги состојките и измешајте ги. За да бидат уште повкусни, во тестото додајте зеленчук и сирење, по вкус. Уштипците се одличен избор за појадок, но можете да ги послужите и кога имате гости.
Ова е најмекото и највоздушестото тесто кое некогаш сте го пробале. Овој појадок секому е омилен, особено ако се послужи со шолја јогурт или кисело млеко, а може и во слатка варијанта, со џем и чаша млеко. Во тој случај половина од уштипците може да ги оставите шупливи. Еве што ви е потребно.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 200 мл топло млеко, 200 мл топла вода, 10 г сув квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 550 г брашно, 1 црвена пиперка, 1 зелена пиперка, 1 домат, половина или една китка магдонос, 2 млади кромитчиња, 1 главица кромид, 1 компир, 150 г фета сирење.
ПОСТАПКА: Јајцата, млекото и водата треба да бидат на собна температура. Во еден подлабок сад скршете ги јајцата, малку промешајте ги пенасто со жица или маталка, па сипете го млекото, водата, квасецот, шеќерот и солта. Сѐ заедно измешајте во еднолична и течна смеса.
За квасецот побрзо да се активира, обратете внимание на течните состојки да бидат млаки. Кога квасецот малку ќе запени, додајте го брашното и измешајте со шпатула додека да се формира тесто, кое лесно ќе се разлева. Тестото не се меси со раце, доволно е само добро да се соедини со шпатулата, бидејќи е лепливо.
Покријте со проѕирна фолија и оставете на топло место да нарасне 40-тина минути до 1 час (во зависност од просторијата во која го подготвувате). За тоа време ситно исечкајте ги пиперките, како и доматите, младиот кромид, обичниот кромид и магдоносот. Компирите изрендајте ги и со виљушка издробете го фета сирењето.
Повторно измешајте го тестото, па додајте го сечканиот зеленчук, сирењето и магдоносот, па повторно измешајте да се соединат сите состојки. Пренесете ја смесата во кеса, а потоа на врвот исечете мала дупка дупка. Во едно тавче загрејте малку масло. Кога ќе се загрее, со кесата истискајте го тестото, така што ќе направите елипсовидни, т.е. долгнавести уштипци.
Уштипците пржете ги од двете страни по неколку минути додека убаво да заруменат. Редете ги на чинија со салфетка да се исцедат од вишокот масло во кое се пржеле, иако овие уштипци не впиваат многу масло. Можете веднаш да ги послужите со шолја јогурт или кисело млеко. Деталите погледнете ги ОВДЕ.